Тодоров: Нашата цел е да ги подигнеме стандардите на здравствените системи
Да ја искористиме нашата колективна мудрост, да одговориме на заедничките предизвици со кои се соочуваме во регионот и да ги подигнеме стандардите на здравствените системи и испораката на здравствените услуги врз основа на она што веќе е постигнато, порача министерот за здравство Никола Тодоров на 63. Годишна сесија на Регионалниот комитет на Светската здравствена организација за Европа која почна денеска во турскиот град Чешме, јавува МИА.
- Република Македонија ја зема во предвид стратегијата Здравје 2020 и нејзиниот мониторинг систем за развој при изготвување на нашиот нов Оперативен здравствен план 2020 за здравствен развој до 2020 година со силна рамка за следење. Со техничка поддршка на СЗО ние веќе навлеговме во работата на Стратегијата за незаразните болести и Оперативниот план, како и усвојување на регионалната рамка за следење во националната, истакна Тодоров пред учесниците на сесијата.
Како што посочи Тодоров во своето обраќање, со брзиот развој на здравствениот пејзаж и зголемените очекувања на пациентите, Министерството за здравство е посебно фокусирано на зајакнување на човечкиот потенцијал во здравството и затоа, Министерството иницирало крупна реформа во едукацискиот систем, стручна доедукација на здравствениот кадар во јавните здравствени установи, односно на имплементација на специјализациите и на стручните обуки во странство.
- Да споменам уште една важна реформа во фармацевтскиот сектор од која бенефитите пациентите веќе ги чувствуваат. Станува збор за воведување нова методологија за утврдување на цени на лекови што резултираше со намалени цени на вкупно 1.636 лекови за различни видови болести. Во континуитет работиме и на осовременување на опремата - станува збор за апаратура од најнова технологија и нешто што е последен производ на медицинскиот пазар, како и на комплетна реконструкција на јавните здравствени установи чија вредност надминува над 150 милиони евра, вече Тодоров.
Тој ги информираше присутните дека во завршна фаза е обновата на поголем дел од болниците, изградбата на комплетно нови здравствени објекти. Како што рече министерот, Министерството во моментов е фокусирано и на реконструкција на здравствени домови како една од покрупните реформи што во голема мера ќе влијае на подобрување на условите за лекување на болните, како и за подобрување на инфраструктурните услови за работа на лекарите и останатиот медицински кадар.
- Во тек се и многу други проекти за унапредување на здравствениот систем во државата како што е воведувањето национален електронски систем за закажување пациенти и интервенции во здравствениот систем во Македонија. Станува збор за многу напреден систем, еден од ретките во поширокиот регион кој нуди сеопфатна можност за закажување од примарно до терцијарно ниво на здравствена заштита. Во тек е имплементацијата на електронскиот систем за евиденција на здравствените податоци со кои ја заокруживме имплементацијата на Интегрираниот здравствен информатички систем, рече Тодоров.
Министерот изрази надеж дека во новиот двегодишен период 2014/2015 ќе продолжи одличната соработка со СЗО/Европа како и дека ќе бидат искористени техничките совети и насоки на национално и под-регионално ниво во ЈИЕ.
Министерот Тодоров вчера се сретна со директорот на Регионалната канцеларија на СЗО за Европа, Сузана Јакаб, а имаше средба и со неговиот турски колега Мехмет Муезиноглу.