Летово вриело од туристи во Струга

Бројот на туристи кои летниот одмор го поминале на струшкото крајбрежје е зголемен, оценуваат угостителите и туристичките работници од Струга.

Ана Јанческа, менаџер во хотелот „Дрим“, смета дека оваа сезона е подобра од претходната и оти бројот на туристи е поголем од лани. - На почетокот на туристичката сезона, мај и јуни беа одлични месеци и тоа не само со туристи летувалци, туку и со учесници на семинарскиот и конгресниот туризам. Поради временските услови во јули бројот на ноќевања беше намален, но затоа во август продолживме со исто темпо како и претходните месеци и тоа посебно за време на ракометниот турнир и Струшките вечери на поезијата, изјави Јанческа, нагласувајќи дека сега продолжува периодот на семинари.

- Генерално сме задоволни од туристичката сезона иако се уште не е завршена, бидејќи септември е најдобриот месец за туристичките патувања. Резултатите ќе се сумираат подоцна, меѓутоа секогаш на крајот на сезоната останува мислењето дека можело повеќе и подобро. Секоја сезона се трудиме да го постигнеме максимумот, рече и Елизабета Попоска од Туристичката агенција „Полет“.

Покрај гостите од Македонија, ова лето Струга ја посетиле и туристи од Холандија, Австрија, Германија, Норвешка, Србија, Албанија...

05.09.2013 - 15:25
Фото: 
Кичево.мк

најчитано сега