Во Берлин потпишана Декларацијата за Европски зелен појас

Заменик министерот за животна средина Стево Темелковски денеска во Берлин на свечената церемонија по повод обележување на 10-годишнината од започнувањето на Иницијативата – Европски зелен појас, во име на Владата на Република Македонија, ја потпиша Декларацијата за намера за Европски зелен појас.

Темелковски нагласи дека развојот на иницијативата за  Европски зелен појас преставува важен меѓународен механизам за прекугранична соработка за заштитата и управување со природното наследство, заштитените подрачја, за одржување на биокоридорите и, воопшто, развојот и одржување на еколошките мрежи.

- Со потпишувањето на Заедничката Декларација за намера за Европскиот зелен појас, Република Македонија дава јасен став и придонес кон зајакнување на меѓународната соработка и политиките за заштита на животната средина и природата, со цел зачувување на природното наследство во неговата автентична состојба и негово зачувување за идните генерации, рече заменик министерот Темелковски.

Европскиот зелен појас има клучна улога во зачувувањето на биолошката разновидност и претставува мрежа која поврзува простори со исклучителни вредности со цел заштита на природните вредности по границите на некогашната „железна завеса“. Минува низ 24 земји и се протега од Баренцовото Море до Црното Море.

Зелениот појас во Македонија, како дел од Балканскиот зелен појас, се простира по должината на границата на Република Македонија со соседните земји (Бугарија, Грција и Албанија), притоа опфаќајќи шумски, планински, тревести и водни екосистеми.   Оваа иницијатива се користи како алатка за воспоставување на прекугранични заштитени подрачја со цел соодветна заштита и зачувување на дивите видови. Површината на македонскиот зелен појас изнесува 5.125 км2, што претставува околу 19,9% од вкупната површина на Република Македонија.

Македонскиот зелен појас опфаќа 11 заштитени подрачја и тоа националните паркови - Пелистер, Маврово и Галичица, спомениците на природата  - Охридско Езеро, Преспанско Езеро, Дојранско Езеро, Вевчански Извори, Смоларски Водопад, Колешински Водопад и Мајдан, како и Паркот на природата - Езерани на Преспанското Езеро.

04.09.2013 - 16:00
Фото: 
Сител

најчитано сега