Трајков: Македонската економија е во слободен вртоглав пад, домашниот бизнис крахира

Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека на Република Македонија и се случува економско фијаско во режија на СДС. Од таму велат дека катастрофалните и штетни економски политики кои во изминатите 4 и пол месеци ги спроведува расипничката влада на СДС ја турнаа Република Македонија во рецесија. Македонија влезе во рецесија. Рецесијата значи минусно економско салдо и загуби во економијата.

Сашо Трајков од ВМРО-ДПМНЕ вели дека во изминатите 4 месеци имаме пад на сите макроекономски показатели во Република Македонија.

 

-Неспособното раководство на СДС потфрли на секое поле во македонската економија и државата ја турна на работ пред банкрот. Една од главните причини за економскиот крах на економијата е преполовување на расходите за капитални инвестиции кое некадарното раководство на СДС го направи. Само за споредба, во првите 5 месеци во период кога функционираше техничка влада, во далеку полоша и посложена ситуација за капитални инвестиции на месечно ниво од буџетот се инвестираа околу 25 милиони евра, изјави Трајков.

Тој вели дека со доаѓањето на СДС и Зоран Заев, во јуни, јули и август, трошење на парите од буџетот на капитални инвестиции изнесува скромни 14 милиони евра.

-Потенцираме, од 25 милиони евра месечно расходи за капитални инвестиции, владата СДС ги намали на 14 милиони евра и оваа е најголемата причина за економскиот пад во Република Македонија. Преполовените капитални инвестиции, директно влијаат на пад во градежништвото кое е претставува мотор и главен двигател на растот на бруто домашниот производ. Намалување на градежните активности, повлекува пад на уште 25 индустриски гранки, што значи дека македонската економија е во слободен вртоглав пад. Домашниот бизнис кризира. Тоа значи дека најголемиот негативен ефект ќе го почувствуваат малите и средни бизниси, изјави Трајков.

Трајков предупреди дека рецесијата, надополнета со разнишаните девизни резерви може да го загрози и денарот.

-Имаме и пад во градежништвото за огромни 25% за месец јуни но и падот во другите индустриски гранки, негативно ќе се одрази врз намалување на невработеноста, што ќе значи дека во Република Македонија наместо нови вработувања, ќе имаме отпуштање на работници. СДС е неславен рекордер. За 5 месеци ја втурна во рецесија цела држава. На неодговорноста, на лагите и манипулациите, на лошите економски политики на СДС, граѓаните ќе им стават крај на 15-ти октомври. СДС на локалните избори жестоко ќе биде поразен, изјави Трајков.

 

 

 

 

07.10.2017 - 11:43

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега