Жерновски: Јанкуловска да ги обнови пешачките премини во Центар
Градоначалникот на Општина Центар Андреј Жерновски ја пофали и смета дека е исклучително добар проектот “100 пешачки премини за подобра безбедност на 10.000 ученици“. Министерката за внатрешни работи ја промовираше акцијата со која 100 пешачки премини во општината Кисела Вода ќе бидат обновени и бојадисани пред почетокот на новата учебна година.
Градоначалникот Андреј Жерновски ја повикува министерката Јанкуловска истата акција и проект да ги спроведе и во Општина Центар бидејќи ја поддржува изјавата на министерката дека обновувањето и бојадисувањето на пешачките премини пред градинките, основните и средните училишта ќе придонесе за постигнување на една од најзначајните цели на националната стратегија за унапредување на безбедноста на патишата, а тоа е нула деца жртви во сообраќајот.
“Ја повикувам министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, исто како во општината Кисела Вода, да го спроведе проектот за обновување на 100 пешачки премини и во Општина Центар. Безбедноста е ненопходна за сите деца во сите општини и затоа ја повикувам министерката пред се’ да има нула деца жртви во сообраќајот, да го стори ова и во Општина Центар. Децата не се делат по никаква припадност, а најмалку смееме да ги казнуваме или наградуваме според партиското определување на градоначалниците и советниците“, вели градоначалникот на Општина Центар, Жерновски.
(Интегрален текст од соопштение на Општина Центар)