Градоначалникот Мерко на суд за незаконско поставување директори: „Јас само потпишував“
Со давање исказ на обвинетиот за незаконско поставување директори во основните училишта „Гоце Делчев“ во Подгорци (два предмети), „Мурат Лабуништи“ во Лабуништа и „Ашим Агуши“ во Радолишта денеска во Основниот суд во Струга продолжи судскиот процес против градоначалникот Рамис Мерко.
За одвоениот предмет за училиштето „Браќа Миладиновци“ во Струга, беа сослушани двајца сведоци, а на следното рочиште најавено е сослушување на технички советник, по што ќе следуваат завршни зборови и пресуда.
На следното рочиште закажано за 19 јуни, одбраната, како што информира судечкиот судија Јордан Јованов, ќе има завршни зборови за четирите споени предмети, по што ќе биде соопштена пресудата.
- Со оглед на тоа дека се работи за четири предмети споени во еден, одбраната побара дополнително време да спремаат завршни зборови, истакна Јованов.
Во исказот, Мерко рече дека не направил ништо погрешно во однос на назначувањето директори на основните училишта, односно дека тој само потпишувал она што ќе го подготвеле службите. Но, нагласи дека доколку го прекршил законот ќе му биле одземени ингеренциите од Министерството за образование и наука, подвлекувајќи дека тоа не се случило.
Тој тврдеше дека поранешниот министер за образование и наука Јетон Шакири бил запознаен со состојбата и му дал појаснување дека постојат законски услови да се постави за в.д. директор лице кое не доаѓа од редот на вработените во институцијата доколку на конкурост никој од училиштето не поднесе кандидатура за директор и оти за тоа постоел изграден став од Министерството за информатичко општество и администрација.
Посочи дека во повеќе наврати Шакири ги предлагал луѓето кои биле назначени на функцијата, потсетувајќи оти и директорите кажале дека немале средба со градоначалникот, туку биле поставени од министерот.
Според него, како било можно да е обвинет за наводно сторени кривични дела без да биде обвинет министер за образование во услови кога надлежностите им се определени во ист член на законот. Додавајќи дека на почетокот на учебната 2024/25 година кога министерката за образование и наука Весна Јаневска го одзела ингеренциите за основните училишта во Драслајца и Подгорци биле назначени в.д. директори, кои не исполнуваат услови.
Нагласи и дека сите поставени директори чесно, одговорно и совесно си ја вршеле функцијата и оти од исказот на инспекторите најмногу што сторил градоначалникот било прекршок, а не кривично дело.
Против Мерко во тек се судски процеси и за други обвиненија за несовесно работење во службата, а Струшкиот суд вчера донесе ослободителна пресуда за набавката на луксузниот автомобил „Ауди“ во вредност од 67.000 евра. Тој е и на „црната листа“ на Соединетите Американски Држави (САД), поради вмешаност во корупција.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа