Лимани и Тешл-Хофмајстер разговараа за предучилишното образование: Македонија заинтересирана за австрискиот модел „Kinderwelt“

 


Министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани во рамки на посетата на Република Австрија оствари работна средба со Кристијане Тешл-Хофмајстер, советничка за образование на Владата на Австрија.

Во фокусот на средбата, како што соопшти Министерството за социјална политика, демографија и млади, биле предучилишното образование и згрижување, искуствата на двете држави на ова поле и можностите за продлабочување на соработката.

Министерот Лимани нагласил дека средбата се одржува во клучен момент за земјава, која е силно ангажирана во проширување и модернизација на мрежата на предучилишни институции. Притоа се осврнал на заложбите на Министерството кое во тесна соработка со општините и меѓународните партнери, е посветено на зголемување на вклученоста на децата во предучилишното образование, со цел да се достигне европската цел од 96 отсто до 2030 година.

Од страна на министерот Лимани бил изразен интерес за искуството на Австрија, особено моделот „Kinderwelt“, кој претставува висок стандард на социјални иновации и заедничко вклучување. Во контекс на можностите како овој модел да се адаптира во нашиот национален контекст се разговарало за размена на експертиза, обуки за воспитувачи и заеднички проекти.

-Северна  Македонија и Австрија имаат пријателски односи и блиска соработка, вклучувајќи и во областа на социјалната политика. Ресорните министерства на двете држави имаат потпишано и Меморандум за разбирање со кој се конкретизира соработката на двете министерства за системите за социјална заштита, социјална заштита за различни категории на жртви, прашања поврзани со социјалната помош, социјална и професионална интеграција на лица со попреченост и други групи на лица во ризик од маргинализација, обезбедување на професионална грижа, долгорочна нега и социјални услуги за различни целни групи, како и намалување на сиромаштијата и социјални политики и мерки за одделни целни групи, се наведува во соопштението од Министерството.

Австрија, како што посочуваат од Министерството, е еден од најголемите странски инвеститори во земјата и силен поддржувач во процесот на интеграција во ЕУ. Соговорниците искажале задоволство од средбата со искрени заложби за зајакнување на понатамошната соработка.

10.06.2025 - 15:03

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега