Почна да тече рокот за мандатот за формирање Влада

До 9 јануари претседателот Ѓорге Иванов треба да му го додели мандатот на кандидатот на партија или на партии коj ќе успее да собере 61 потпис дека има мнозинство да формира влада.

Со верификација на мандатите на 120-те новоизбрани пратеници вчера беше конституиран деветтиот состав на Собранието на Република Македонија. На седницата присуствуваа 118 од 120-те избран пратеници, а со неа претседаваше претседателот на Собранието во заминување Трајко Вељаноски.

По верификацијата на мандатите, Вељаноски ја прекина седницата, бидејќи до нејзиното одржување немаше предлог од десет пратеници за формирање на Комисија за прашања на изборите и именувањата, како што е предвидено. Седницата ќе биде закажана, како што рече Вељаноски, кога ќе се создадат деловнички услови за тоа и ги повика овластените претставници на партиите да номинираат членови на Комисијата за избори и именувања. На тоа прво продолжение на оваа седница треба да биде избран и претседател на Собранието. 

Претходно, Извештајот за резултатите од изборите и мандатите беа изгласни на седница на Верификационата комисијата, чиј претседател беше Влатко Ѓорчев, претседател, а членови Петре Шилегов, Реџаиљ Исмаили, Фадил Зејнели и Сурија Рушити. 

Фадил Зендели од движењето Беса побара Извештајот од ДИК да биде преведен на албански јазик, и побара да не му биде верификуван мандатот на Јохан Тарчуловски, зато што, како што рече, тој е Хашки осуденик. 

 Претседавачот со седницата Вељаноски кажа дека Извештајот е веќе преведен од службите и оти сите документи во Парламентот се преведуваат. Во врска со барањето за Тарчуловски, посочи дека во Зендели треба да посочи правнички и Деловнички пречки, и оти не може да бара нешто само врз основа на тоа дали нему му се допаѓа или не. Работиме по Устав, закони и Деловник, рече Вељаноски. 

Изборната кампања заврши, рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски, додавајќи дека Собранието на РМ има одговорност пред сите граѓани и оти затоа е Собрание и ги претставува сите граѓани во оваа држава. - Ова Собрание е составено врз база на волјата на граѓаните и сите го претставуваме него, истакна Димовски.

На почетокот на седницата Оливер Спасовски, од коалицијата предводена од СДСМ, во процедурална забелешка рече дека Вељаноски не треба да претседава со седницата заради тоа што и според праламентарната пракса и според Деловникот, со неа треба да раководи најстариот пратеник. Спасовски рече дека Вељаноски се повикува на промената на Деловникот од 2008 година, но оти по изборите после тоа сепак конститутивна седница ја водел највозрасниот пратеник. 

- Зошто воведувате нови стандарди во парламентарната демократија во Македонија, но тоа не е страно за вас. Не треба да продолжите по стариот терк со кршење на Деловникот и со едно насилие, рече Спасовски. 

Вељаноски кусо одговори дека има разлика во праксата и во спроведувањето на Деловникот. - Јас мислам дека Деловникот преовладува во работата и така треба да направиме, рече Вељаноски.

За заменици на претседавачот со седницата беа назначени пратениците Стојан Миланов и Јусуф Хасани. 

На конституирањето на Парламентот не присуствуваа двајцата избрани пратеници од ДПА. 

 На седницата, која има и свечен карактер, присуствуваа високи претставници на верските заедници, на судската власт, на МАНУ, дипломатскиот кор...

Деветтиот македонски парламентарен состав ќе има 120 народни избраници. Најмногу пратеници има коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ 51. Коалицијата предводена од СДСМ има 49 мандати, ДУИ 10, Беса - 5, Алијанса на Албанците - 3 и ДПА - 2. Во овој парламентарен состав нема народни избраници од дијаспората поради недоволен број освоени гласови.

Новиот собраниски состав има 62 нови и 58 пратеници од минатиот состав, а некои од нив биле народни избраници и во други состави. Составот на Парламентот би можел да се промени по формирањето на влада доколку некои од пратениците бидат избрани на функција во извршната власт или не го прифати мандатот од одредени причини. 

Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. 

 

 

 
 
31.12.2016 - 09:51

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега