Собранието ќе се конституира во петок или сабота - нова Влада околу 9 февруари

Државната изборна комисија (ДИК), утре до Собранието треба да го достави Извештајот за резултатите од предвремените парламентарни избори 2016 и освоените мандати, по што се очекува да биде одреден датумот на конституирањето на новиот состав на Парламентот.

Конститутивната седница ја свикува претседателот на Собранието од претходниот состав, најдоцна 20 дена по одржаните избори. Доколку не се закаже конститутивна седница во предвидениот рок, пратениците сами се состануваат и го конституираат Собранието на 21-от ден од денот на завршувањето на изборите. Седницата ја свикува најстариот по години избран пратеник, а ако и тој одбие да ја свика, тоа право преминува редоследно на наредниот по години избран пратеник, се до избраниот пратеник кој ќе се согласи да ја свика првата седница.

 

Се очекува конститутивната седница да се одржи во петок или во сабота. По ова и официјално почнува периодот од 10 дена во кој Претседателот треба да му го даде мандатот на оној кој ќе собере мнозинство пратеници.
Доколку во овој период, ниту една од пратеничките групи не состави мнозинство, Иванов мандатот ќе му го предаде на Груевски како претседател на партијата која освоила најмногу пратенички места.
Тогаш почнува да тече и рокот од 20 дена во кој Груевски треба да собере мнозинство пратеници. Доколку собере мнозинство предлогот за нова Влада го доставува до Собранието кое во рок од 10 дена треба да се изјасни по овој предлог.
Доколку Груевски собере мнозинство, новата Влада може да се очекува да биде избрана околу 9 февруари идната година.

 
 
27.12.2016 - 12:17

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега