Конституирање на новиот состав на Парламентот - ДИК ќе го достави извештајот

Државната изборна комисија (ДИК), утре до Собранието треба да го достави Извештајот за резултатите од предвремените парламентарни избори 2016 и освоените мандати, по што се очекува да биде одреден датумот на конституирањето на новиот состав на Парламентот.  

Конститутивната седница ја свикува претседателот на Собранието од претходниот состав, најдоцна 20 дена по одржаните избори. Доколку не се закаже конститутивна седница во предвидениот рок, пратениците сами се состануваат и го конституираат Собранието на 21-от ден од денот на завршувањето на изборите. Седницата ја свикува најстариот по години избран пратеник, а ако и тој одбие да ја свика, тоа право преминува редоследно на наредниот по години избран пратеник, се до избраниот пратеник кој ќе се согласи да ја свика првата седница.

Како што стои во членот 9 од Деловникот за работа на Собранието на РМ, пратеникот кој ја свикал првата седница, претседава со собраниската седница, додека новоизбраниот претседател или еден од потпретседателите не ја преземе должноста.

Претседавачот со првата седница назначува двајца од избраните пратеници кои по потреба го заменуваат во претседавањето со седницата, а потоа со прозивка на избраните пратеници го утврдува бројот на присутните избрани пратеници.

Собранието може да се конститутира ако на седницата присуствуваат мнозинство на избраните пратеници, а откако ќе се утврди кворумот, се избираат претседател и членови на Верификационата комисија на Собранието.

Мандатот на пратениците Собранието го верифицира на конститутивната седница по предлог од Верификационата комисија, која ја избира Собранието на конститутивната седница, по предлог од претседавачот.

Верификационата комисија се состои од претседател и четворица членови од редот на пратениците кои припаѓаат на различни политички партии застапени во Собранието.

Врз основа на извештајот на ДИК за избор на секој пратеник, Верификационата комисија на Собранието му поднесува писмен извештај со предлог за верификација на мандатот на секој пратеник одделно.

Собранието го претресува и гласа во целина по извештајот на Верификационата комисија. Ако Верификационата комисија го оспори изборот на одделен пратеник, на Собранието му предлага да ја одложи верификацијата на неговиот мандат. За секој таков предлог Собранието расправа и одлучува одделно.

Собранието може да ја одложи верификацијата на мандатот на пратеник и со заклучок да побара Државната изборна комисија да ги изврши потребните согледувања, заради проверка на законитоста и правилноста на спроведениот избор и во рок од 30 дена за тоа да го извести Собранието.  

До добивањето на известувањето на ДИК, пратеникот чија верификација на мандатот е одложена, нема право да присуствува на седниците на Собранието.

Верификацијата на мандатот на пратеници кои станале пратеници од листата на кандидати за остатокот од мандатот, Собранието ја врши на првата наредна седница врз основа на извештајот на ДИК, а по предлог од Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања. Со верификацијата на мандатот, пратеникот се стекнува со права и должности утврдени со Уставот, со закон и со собранискиот Деловник.

Според Деловникот за работа на Собранието, на пратеникот на кој му е верифициран мандатот му се издава легитимација и картичка за електронско гласање. Во легитимацијата се внесува правото на имунитет и другите права што можат да се остварат врз основа на функцијата пратеник.

Прописите за содржината, обликот и начинот на издавање на легитимациите на пратениците, како и за евиденцијата на издадените легитимации донесува претседателот на Собранието. За издавање на легитимациите и за евиденцијата на издадените легитимации, се грижи генералниот секретар на Собранието. 

 
 
27.12.2016 - 08:09

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега