ДИК објави: По прегласувањето во Теарце нема промени во освоените мандати

Државната изборна комисија на полноќ ги соопшти првичните резултати од прегласувањето на избирачкото место 2011 во Теарце, според кои нема промена во освоените пратенички мандати во шестата изборна единица.

Како што информира на прес-конференцијата претседателот на ДИК Александар Чичаковски бројот на пратенички мандати на предвремените парламентарни избори останува непроменет, ВМРО-ДПМНЕ освои 51 пратеник, СДСМ 49, ДУИ 10, БЕСА 5, Алијансата за Албанците 3 и ДПА 2.

Чичаковски соопшти дека доколку нема приговори за денешното прегласување сите избрани пратеници до среда 28 декември ќе ги добијат уверенијата.

- ДИК за изборните единции каде што резултатите од изборите се конечни ќе ги издаде уверенијата најдоцна до среда на 28 декември. Евентуално ако немаме приговори и во однос на денешното гласање на истиот ден ќе бидат издадени и уверенијата за ИЕ 6, освен за двата пратеника за кои влијае распределбата на мандатите доколку има приговор за нив, истакна претседателот на ДИК.

Додаде дека заедно со уверенијата ќе биде доставен и извештајот за спроведените избори  до Собранието на РМ.

Тој истакна дека прегласувањето поминало мирно и во фер атмосфера.

На  прегласувањето на избирачкото место 2011 во Теарце од запишани 714 гласачи во Избирачкиот список гласале 402, односно излезеноста е 56,30 проценти.

Според податоците на Државната изборна комисија, за  Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ гласале 149 граѓани, за СДСМ и Коалицијата 245, ДУИ, ДПА и Алијансата за Албанците освоиле по 1 глас, а ВМРО за Македонија 2 гласа. Коалиција за промени и правда, БЕСА и ПДП не освоиле ниту еден глас. 

ДИК ги објави и првичните резултати од сите избирачки места во општина Теарце, каде се запишани вкупно 20.732 избирачи. Од нов гласале 10.643, односно 51,34 проценти. Притоа, ВМРО-ДПМНЕ на сите избирачки места во општина Теарце има освоено 1.147 гласа, ДПА - 1.663, ДУИ 2.963, СДСМ има 1.198 гласа, Коалиција за промени и правда 11 гласа, ПДП 19 гласа, Коалиција Алијанса за Албанците 774 гласа, Коалиција ВМРО за Македонија 38 гласа и Движење БЕСА има  освоено 2.574 гласа.

ДИК ги објави и првичните резултати, како и првичната распределба на мандати во ИЕ 6, како што рече Чичаковски, врз основа на резултатите од оригиналните записници од останатите избирачки места во оваа изборна единица, од останатите општински изборни комисии, како и на првичните резултати од денешното повторно повторување на гласањето.

 - ДУИ има освоено  40,547 гласа или 6 мандати, Коалиција  ВМРО - ДПМНЕ има освоено 26.193 или 4 мандати, СДСМ има освоено 25.986 гласа или 3 мандати, Движење БЕСА 24.989 гласа или 3 мандати, Коалиција Алијанса за Албанците има освоено 17.946 гласа или 2 мандата и ДПА има освоено 16.162 гласа или 2 мандата, информира Чичаковски.

Конечните резултати за  ИЕ 6, рече тој, ДИК ќе ги објави веднаш најдоцна во рок од 24 часа по нивната конечност, односно по завршување на евентуална постапка на приговор.

Иако првично прес-конференцијата на ДИК беше закажана за во 21:30 часот, таа се одржа на полноќ, а доцнењето претседателот Чичаковски рече дека се должи на тоа што Општинската изборна комисија морала да состави нов записник 21.

- Тоа е записник во кој се сумираат резултатите од сите избирачки места на ниво на општина. Ние ја очекувавме Општинската изборна комисија да заврши многу побрзо не очекувавме ОИК да има толку проблеми во однос на составување на записникот 21 којшто се сумираат резултатите на нвио на општина Теарце, рече Чичаковски. 

 
 
26.12.2016 - 08:23

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега