Умберто Паскали: Амбасадори, мешетари, тргнете ги рацете од Македонија!

-Тоа e многу опасна игра, игра која таканаречената меѓународна заедница ја игра во Македонија. Опасна но исто така и очајна, изјави аналитичарот од Вашингтон, Умберто Паскали за „Гласот на Народот“, дискутирајќи ја позадината и последиците на последното „срамно изборно мешање во внатрешните работи на Македонија“.

Паскали додава дека “таканаречената меѓународна заедница ја измачува земјата веќе многу години. Во последните две години, избирачката волја на народот редовно се одбива со презир, под притисок од Вашингтон и Брисел. Амбасадорите кои формално ги претставуваат овие земји се сметаат себе си за помоќни и подеспотски дури  и од колонијални вицекралеви“.

 -И сега, откако наметнаа суспензија на Уставот, откако го присилија избраниот премиер да даде оставка со цел да се одржи она што тие го нарекуваат „фер избори“, достигната е точката на вриење. Истите тие колонијални заштитници, заедно со Заев и со судија кој се сомничи дека е поткупен со 400.000 евра, сега се мислат да побараат уште една „фунта месо“: прегласување во малото Теарце, најдобар пример за избирачко „инженерство“ со цел да се сруши волјата на народот, оценува овој угледен американски аналитичар за програмата „Гласот на народот“ со Слободан Томиќ и додава:

„Тие сакаат прегласување со надеж дека конечно, овој пат, ќе ја донесат на власт корумпираната марионета Зоран Заев. Но, со донесувањето на Заев на власт ќе започне одбројувањето до политичка, општествена и етничка експлозија на Македонија и на Балканот. Конечно, дестабилизацијата и потенцијалното крвопролевање за кое сонуваа одредени криминални моќници. Видовме што се случи во Анкара со атентат на рускиот амбасадор Андреј Карлов со кој се управуваше од далечина. Видовме што се случи во Берлин со терористичкиот масакар, сличен на оној во Ница. Ужасното убиство на Карлов пред камерите беше со цел да се испровоцира судир помеѓу Русија и Турција, кој ќе ги вклучеше земјите од НАТО. „Њујорк Тајмс“ веднаш се присети на „преседанот“, атентатот на австрискиот Надвојвода Франц Фердинанд на 28 јуни 1914 во Сараево,  којшто го предизвика невидениот колеж на Првата Светска Војна“.

Паскали додава дека жестоките мешања ги предводи група поединци кои веќе ја загубиле нивната моќ. Која и да е политиката која Трамп ќе ја спроведе, јасно е дека нема место за старите бирократи од ерата на Обама.

-Тие се гневни и очајни, но немаат моќ да ги реализираат нивните закани. Тие можат само да создадат хаос и да го користат времето за да понтификуваат како мали тирани. Македонците мора да сфатат колку е деликатна ситуацијата, но и колку ветува. Никола Груевски в лице ја предизвика амбасадорската банда. Додека душкалата се обидуваа да му помогнат на Заев, Груевски беше на отворениот плоштад и им се обраќаше на Македонците, вели Паскали, потсетувајќи на дел од испратените пораки.

 
 
22.12.2016 - 16:02

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега