Македонско здружение КАМЕНИ МОСТ-Италија: Две години криза, а сега Македонија се бори за своето опстојување

Разочарувачки е сето она што се случува деновиве во Македонија. Всушност се она што се случуваше во последните две години поради болната желба за власт на опозицијата која не може да ја издржи предолгата апстиненција од власта. Во време кога светот се бори со глобалната економска криза Македонија е присилена  да се бори за своето опстојување и тоа не економско туку политичко. Се употребија сите можни методи за уривање на легитимно стекнатата власт на владејачката партија. Со безброј ниски удари, без фер борба опозицијата две години го држи во заложништво македонскиот народ поради своите пореметени апетити.

Во сите тие методи се најде и дијаспората. Зошто опозицијата се плаши од дијаспората и зошто дури сега наголемо се труби за иселувањето од Македонија е друга приказна. Но факт е дека и на овие избори соодносот ВМРО-ДПМНЕ СДС во дијаспората беше 5:1. ВМРО-ДПМНЕ  е единствената партија која што се заложи за дијаспората, и за да не ја избрише конечно од влијанието во Македонија го прифати срамниот цензус поставен од СДС и неговите радикални „пријатели“.

Кој тоа и зошто сака да ги избрише амбасадорите на Македонија во светот, и тоа бесплатни, промотори кои од срце и со гордост подаруваат шише македонско вино или тегла ајвар на своите пријатели странци. Промотори кои едвај чекаат да бидат запрашани од каде доаѓаат за да почнат да раскажуваат за убавините на Македонија. Кога пред Божик ќе те запрашаат „А кога и како се слави Божик кај вас?“. Или кога ќе подариш црвено јајце за Велигден, а тие со восхит го примаат. Разни здруженија, како нашето а и поинаку структурирани,  кои ја промовираат македонската култура, традиција, уметност,  како и модерните случувања и ликови. Наши граѓани кои што единствено нешто што го бараат од Македонија, од својата земја, е само малку респект.

Така по двегодишни опструкции и оцрнувања на сите оние што искрено ја сакаат сопствената држава, со помош на надворешните „партнери“, сигурни во својата победа, СДС конечно се согласија на избори. И еве го и тој ден. Мирна демократска атмосфера, фер и демократски избори, прогласени како такви и од меѓународните набљудувачи, до кои толку многу држи и самата опозиција. Сигурни во својата победа дури излегоа и да прославуваат.

Но што се случи? Се случи она што најмалку го очекуваше опозицијата. Македонскиот народ повторно гласаше за Македонија. Македонскиот народ нема друг избор освен Македонија. А под македонски народ се подразбира сите оние кои Македонија ја сметаат како своја татковина, суверена и во нејзините граници. Во тој македонски народ се вбројуваат сите демократско ориентирани граѓани без разлика дали се Албанци, Срби, Роми, Турци или со било какво потекло. На аболицираниот криминалец З.З. заедно со неговите радикални албански поддржувачи и странски амбасадори им се случи големо изненадување, им се случи народ.

Никој не смее да ја оспорува волјата на граѓаните во ниедна демократска земја, а Македонија се смета за таква. Победа значи победа па дали е со 10 или 100 гласа тоа воопшто не е важно. Победа се случи и со помалку гласови, како што е примерот со последните избори во САД. Затоа разните калкулации и постизборен инженеринг водат само кон продлабочување на кризата од која искрено се надевавме дека ќе излеземе по изборите. Сите знаеме што е демократија, општество во кое одлучува мнозинството, а мнозинството кај нас одлучи.

ВМРО ДПМНЕ е партијата која заедно со македонскиот народ победи на овие избори и мора што поскоро да и се овозможи да ја состави владата и конечно да се посвети на своите проекти и зацврстување на меѓународната позиција на Македонија.

Апелираме до сите политички партии во Македонија да го вклучат разумот, посебно поразените страни. Доколку сакаат да се издигнат во очите на граѓаните и да почнат да ја придобиваат нивната доверба со работа и залагање, а не со купување на гласови, претежно албански, редно е да подадат рака и да ја честитаат победата, а веднаш потоа да се реорганизираат и да почнат со демократски методи на работа, како што доликува на една конструктивна и силна опозиција.

Апелираме до сите странски „експерти “ да ја остават Македонија сама да ги решава своите внатрешни проблеми. Ние имаме поминато многу изборни циклуси и референдуми во Италија, но досега немаме видено никој однадвор, посебно некој амбасадор да дава изјави за текот на изборите, да контролира изборни резултати, а уште помалку да поддржува одредена политичка опција.

 
 
22.12.2016 - 11:55

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега