Тодоров:ДИК се вклучи во фалсификување на волјата на народот со незаконската одлука за графолошко вештачење

Со незаконската одлука за графолошко вештачење не само што ДИК активно се вклучи во фалсификување на волјата на народот, туку испраќа во затвор невини луѓе само за да ги задоволи политичките амбиции на СДСМ.

Ова го истакна на прес-конференција попладнево Никола Тодоров, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, кој додаде дека со одлуката да се врши графолошко вештачење, ДИК изрази сомнеж дека членовите на избирачкиот одбор дале лажни изјави дека граѓанката се појавила по втор пат на гласање.

Додаде дека вчера присутните членови на Избирачкиот одбор и по идентификација и по лична карта и по проверка со УВ-ламба, утврдиле дека граѓанката веќе еднаш гласала и има траги од спреј на прстот.

- Јавноста треба да знае дека Фатиме Сулејмани не пријавила, ниту дека ја изгубила личната карта, ниту дека некој и ја украл. А таа лична карта е заведена во Избирачкиот список и многу веројатно согласно исказите на сите членови на Избирачкиот одбор, јавно кажани вчера, дека таа лична карта е искористена за гласање, рече Тодоров.

Тој додаде дека ДИК го оспорува исказот на Избирачкот одбор  и заради тоа и заради нарушување на изборниот процес ги праќа во затвор Берат Усеини, Катерина Миновска, Емси Абас, Тања Ѓурчиновска, Богица Василевска, Златко Ѓорѓевски и Ајсан Мемеди, кои што се членови на Избирачкиот одбор, заменици членови или набљудувачи.

- Членовите на ДИК кои излегоа надвор од своите надлежности, треба да размислат дали заради вакво сценарио се подготвени да испратат во затвор седум луѓе. Дали членовите на ДИК сфаќаат што ќе им направат на семејствата на Берат Усеини, Катерина Миновска, Емси Абас, Тања Ѓурчиновска, Богица Василевска, Златко Ѓорѓевски и Ајсан Мемеди. Дали членовите на ДИК знаат кој ја донесе граѓанката Фатиме Сулејмани во Скопје. Дали знаат дека таа стигна со ново „ауди А8“ и дали знаат чие е тоа. Дали знаат каде е во моментот еден од синовите на Фатиме Сулејмани и дали знаат дека е можно некој да ја злоупотребил и преку валкани игри да ја вклучи во вакви незаконски игри, потенцира Тодоров.

Посочи дека за ова постои морална, материјална и кривична одговорност.

Според него, ова е постизборен инженеринг што треба да биде реализиран по нечија наредба

Ги праша членовите на ДИК дали се свесни што прават, дали имаат совест и дали ќе им биде чиста совеста само заради потребата од изборен инжинеринг да испратат во затвор седум невини луѓе. - Свестете се. Немојте да газите преку живи луѓе, посочи Тодоров.

Според него целиот процес треба да биде законкски и да не се дозволи изборен инженеринг.

Одговорајќи на новинарско прашање во врска со протестите пред ДИК, Тодоров рече дека Државната изборна комисија треба да работи според закон, без разлика на протестите.

 
 
16.12.2016 - 17:10

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега