ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ да научи да го почитува гласот на Македонците

СДСМ ќе мора да научи да го почитува гласот на Македонците, правото на слободен избор и концептот на демократско одлучување и од тоа отстапување нема да има, порачува ВМРО-ДПМНЕ во пишана реакција на денешното соопштение на СДСМ во кое ги повика граѓаните да не подлегнуваат на провокации и го обвини ВМРО-ДПМНЕ дека врши притисок врз Државната изборна комисија.

- СДСМ синоќа имаше можност да види како изгледа достоинствен, патриотски протест, за разлика од насилниот и деструктивен протест на нивните платеници и вандали што ја држеше цела држава во грч долго време. СДСМ имаше прилика да види како изгледа кога граѓаните го користат демократското право на протест за да го одбранат врвното право на глас и одлучување за својата иднина, за разлика од вандалите и платениците на СДСМ кои уништуваа државен имот, повредуваа полицајци и сквернавеа споменици на македонската држава, се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ, се потенцира, не е демократска партија и не го разбира концептот на одлучување на мнозинството.

- СДСМ сака да ја окупира државата без поддршка од мнозинството народ и да се однесува фашизоидно како што се однесуваше и минатите две и пол години. 454.519 гласови за ВМРО-ДПМНЕ се доказ дека народот нема да му го дозволи ова на СДСМ и дека минатите и сите избори претходно биле кристално чисти и демократски, а СДСМ не ги признал затоа што не сакал да се соочи со поразот. Затоа СДСМ реши да ја втурне Македонија во криза, а истото сака да го повтори и овој пат после десеттиот пораз по ред, се посочува во реакцијата и се додава дека тоа нема да им помине, бидејќи граѓаните нема да го дозволат. 

СДСМ, се додава, измислуваше дека некакви т.н. половина милион фантоми им ја краделе победата на изборите во минатото.

- Лажеа и манипулираа, бидејќи само така знаат да функционираат. Сега продолжува на ист начин да ја оспорува волјата на народот. За таа цел СДСМ може да продолжи како свои да ги брои гласовите на помалите албански партии, па да измислува и халуцинира бројки. Меѓутоа СДСМ ќе мора да ги брои како не-свои гласовите на половина милион Македонци кои му кажаа не на Заев и неговите партнери за сценариото во кое сакаат да ја раскрчмат Македонија, се нагласува во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ. 

 
 
16.12.2016 - 15:07

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега