ДИК денеска ја продолжува седницата: Одбиени три приговори на СДСМ и седум на БЕСА

Државната изборна комисија рано утрово ја прекина седницата на која ги разгледуваше приговорите поднесени од политичките партии за предвремените парламентарни избори. Расправата ќе продолжи утре во 12 часот. 

Досега, ДИК одби три приговори поднесени од Коалицијата предводена од СДСМ и седум приговори од Движењето Беса. За еден приговор од движењето Беса кој се однесува на избирачко место во Гостивар ДИК побара графолошко вештачење на потписот на еден гласач за кој се утврдиле дека има обид за гласање по вторпат.

Не беа прифатени приговорите на СДСМ за избирачките места 2010 и 2025 во општина Теарце, а по извршениот увид во избирачкиот материјал за избирачкото место 2024 беше утврдено дека бројот на гласови и на неважечки ливчиња соодветствува со бројките во записникот по што и овој приговор беше одбиен.

За приговорот за избирачкото место 2016 беше повикан член на избирачкиот одбор, но по барање на ДИК утре на седница ќе треба да дојдат и останатите членови на избирачкиот одбор со цел да го потврдат избирачкиот записник.

Комисијата го разгледа и приговорот за изборното место 2011 каде се тврди дека недостигало едно избирачко ливче и оти е применет т.н. бугарски воз. Со цел да се утврдат фактите, беа сослушани членовите на избирачкиот одбор и на ОИК по што беше направен и увид во избирачкиот материјал каде се бараше записникот направен пред почетокот на гласањето.

Останува ДИК да се изјасни за уште три приговори поднесени од Коалицијата предводена од СДСМ. За нив, ДИК ќе расправа утре на седницата закажана во 12 часот. 

По завршувањето на седницата, се разотидоа и граѓаните кои беа собрани пред просториите на Државната изборна комисија.

 
 
16.12.2016 - 08:11

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега