На полноќ истече рокот за приговори до ДИК - колку се поднесени?

На полноќ истече рокот за поднесување приговори за постапката за сумирање на резултатите од неделните предвремени парламентарни избори во Република Македонија. Претходно, во 19 часот истече и рокот за поднесување приговори до ДИК за постапката за гласање.

До Државната изборна комисија пристигнати се 16 приговори и тоа осум од подносителот на листа на кандидати Движење Беса и осум од од подносителот на листа Коалиција предводена од СДСМ. Дел од приговорите се однесуваат на постапката за гласање, додека дел се однесуваат на постапката за сумирање и утврдување на резултатите.

ДИК е должна да реши по приговорите во рок од 48 часа по приемот. Против одлуката на ДИК, може да се поднесе тужба до Управниот суд, во рок од 24 часа од приемот на решението. Управиот суд на Република Македонија, пак, по жалбата е должен да донесе одлука во рок од 48 часа по нејзиниот прием.

ДИК може по службена должност или по поднесен приговор, со решение го поништува гласањето на гласачкото место во одредени случаи утврдени со Изборниот законик.

Против решението со кое се поништува гласањето може да се поднесе жалба до Управниот суд на Република Македонија во рок од 24 часа од приемот на решението. Управниот суд на Република Македонија е должен по жалбата да постапи во рок од 72 часа по нејзиниот прием. Повторното гласање на избирачкото место каде што е поништено се одржува 14 дена од денот на првото гласање.

Според првичните резултати од изборите што ги објави ДИК, ВМРО-ДПМНЕ освоила 51 мандат, СДСМ 49, ДУИ 10, Движењето БЕСА 5, Алијанса за Алабнците три, а ДПА два. 

Конечните резултати од изборите ДИК треба да ги соопшти најдоцна до 20 декември, откако ќе поминат роковите за приговори и одлучување по нив.

Инаку, во неделата на 11. Декември, се гласаше во 3.480 избирачки места во шест изборни единици во Македонија и една - седма изборна единица со 46 избирачки места за гласање во странство. Право на глас имаа 1.784.416 полнолетни македонски државјани, од кои 1.531.368 во Македонија. 

Ова беа четврти предвремени Парламентарни избори во Македонија.

 
 
14.12.2016 - 08:22

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега