Граѓаните полесно ќе вадат биометриски лични документи - стартуваше проектот „Дисперирани базни станици“
Од денеска започна да функционира проектот „Дисперзирани базни станици“ во Полициските станици во Бутел, Кисела Вода и Ѓорче Петров.
Канцеларијата каде што дисперзирано ќе се издаваат лични документи во Полициската станица во Бутел денеска ја посети министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, заедно со градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски и градоначалниците на општините Бутел, Кисела Вода и на Ѓорче Петров, Петре Латиновски, Билјана Беличанец Алексиќ и Сокол Митревски.
- Ова беше барање на граѓаните пред се од населените места во општините кои се прилично оддалечени од централната позиција каде се издаваат лични документи - објектот на МРТВ, изјави Јанкулоска, додавајќи оти 167 илјади граѓани кои живеат во населените места од овие општини, ќе можат да ги добијат документите во ваквите дисперзирани канцеларии.
Канцелариите ќе работат од 10 до 18 часот, но ако има потреба ќе се разгледа и можноста за двосменско работење. Цените на услугите се исти, а единствено со дисперзираните канцеларии нема да биде опфатено постапката за итна патна исправа и за вадење прва возачка дозвола.
ФОТО: Утрински