Се случи невозможното - Лестер стана шампион на Англија
По нерешениот резултат 2:2 на Тотенхем на последниот натпревар од 36.коло одигран синоќа со Челзи, екипата на Лестер е новиот шампион на Англија. Лестер има недостижна предност од седум бодови на две кола до крајот на Премиер лигата.
Самиот натпревар не навестуваше крај без победник особено што Тотенхем во финишот на првиот дел постигна два гола преку Хари Кејн (35.минута) и Хеунг-Мин Сон (43). Со победа Тотенхем ќе ја одложеше промоцијата на Лестер во првак. Но, актуелниот шампион Челзи успеа во вториот дел да стигне до изедначување со головите на Гери Кејхил (58) и Еден Азар (83).
Натпреварот изобилуваше со многу нервоза, па судијата Марк Клатенбург покажа 12 жолти картони, три за домашните фудбалери и девет за Тотенхем.
Табела: Лестер 77 бодови, Тотенхем 70, Арсенал 67, Манчестер Сити 64,Манчестер Јунајтед 60, Вест Хем 59, Саутемптон 57, Ливерпул 55,...
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа