Влезници за дербито Вардар - Шкендија само со лична карта, но без гостински навивачи
Дерби натпреварот од 27. коло Првата македонска фудбалска лига меѓу шампионот и лидер Вардар и второ пласираната тетовска Шкендија ќе се игра во недела од 16 часот на арена „Филип Втори“, а дуелот е прогласен за меч од висок ризик.
Претставници на клубовите вчера имаа состанок со Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) и Министерството за внатрешни работи (МВР) околу претстојниот меч на кој беше решено да нема гостински навивачи, а влезниците останатите ќе ги купуваат исклучиво со лична карта.
Во пресрет на дуелот кој може директно да решава за шампионската титула, од ФК Вардар се огласија со соопштение кои ви го пренесуваме во целост:
- Во договор на двата клуба, Вардар и Шкендија заедно со Фудбалската федерација на Македонија и Министерството за внатрешни работи на состанокот во пресрет на овој меч, одлучено е да нема гостински навивачи на Националната арена „Филип Втори“.
ФК Вардар апелира навивачите на Шкендија самоиницијативно да не доаѓаат на стадионот. ФК Вардар ќе ги преземе сите мерки и ќе ги следи сите одредби и правни рамки пропишани со Законот за спречување на насилство и недолично однесување, сѐ со цел да го организира натпреварот на највисоко ниво.
За таа цел, билетите за овој натпревар ќе се продаваат само со документ за лична идентификација (лична карта).
Билетарницата на стадионот на денот на натпреварот (17.04.2016) ќе биде отворена во 10:00 часот наутро и ќе се затвори во 15.45 часот, односно петнаесет минути пред почетокот на натпреварот. Билетите ќе чинат 100 денари и ќе се продаваат само за Јужната трибина. Останатите три трибини се во фаза на реновирање.
ФК Вардар ги повикува сите свои навивачи и симпатизери за фер и коректно навивање, за достоинствено однесување на трибините, со цел да се избегнат сите евентуални казни кои би следеле за неспортско однесување’’.
15.04.2016 - 11:03
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа