Ивица Обрван заминува од македонската репрезентација
Ивица Обрван најави повлекување од селекторската функција во македонската ракометна репрезентација.
По поразот од Тунис и загубената шанса ракометната репрезентација на Македонија да се пласира на Летните олимписки игри во Рио претстојново лето, хрватскиот стручњак најави дека по мечот со Чиле кој ќе се игра денеска, ќе се повлече од функцијата, односно дека ќе поднесе оставка.
- Сите ние заедно имавме еден голем сон, за првпат во историјата на Македонија да се пласираме на ОИ, но не успеавме, изгоревме во тоа и заслужено загубивме. Лошо го започнавме натпреварот, а потоа не успеавме да се вратиме во игра. Имавме неколку шанси, но не знаевме да ги искористиме. По ова се повлекувам од функцијата селектор на македонската ракометна репрезентација, изјави Обрван по синоќешниот пораз од Тунис.
Хрватот застана на кормилото на Македонија пролетта 2013, по што избори пласман на ЕП во Данска 2014 година, а потоа ја однесе Македонија и на СП во Катар 2015-та, а во јануари годинава ги предводеше црвено-жолтите на ЕП во Полска.
Последниот меч Обрван како селектор на Македонија ќе го има денеска во натпреварот против Чиле кој е без резултатско значење.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа