Паско Кузман за Press24: Организирана група стои зад кражбите на вредни археолошки предмети

 

Во интервју за Пресс24 дадено на 30ти април годинава, Паско Кузман говореше за криминалот со вредни артефакти и кражбата на икони од македонските цркви.

Во интервјуто тој говори за постоење на една организирана криминална група која со сигурност има логистика и во самите институции зашто прецизно ја знае вредноста на украдените предмети. Кузман изрази сомневање дека групата е поврзана со странски земји.

Непосредно по интервјуто, на први мај годинава, следуваше апсењето на 19темина од групата Фаланга 2, меѓу кои имаше и вработени во Управата за заштита на културно наследство со која пред пензионирањето раководеше Паско Кузман.

Денеска токму тој заврши пред истражен судија за истото дело. 

Еве дел од интервјуто објавено на крајот на април.

ПРЕС24:  Македонската православна црква постојано потенцира дека тие не се во можност да ги заштитат иконите и вредните предмети и дека тоа е обврска на државата. Што може управата за заштита на културното наследство да направи?

КУЗМАН: Значи ако постојано се потенцира дека „не сме во можност да ги заштитиме иконите и вредните предмети...“, тоа и значи дека сме ослободени од одговорноста? Тоа можеме сите да го повторуваме, па така никој да не е одговорен. Управата за заштита на културното наследство, без разлика на законските надлежности, еве, упорно ќе настојува да се организира привремено депонирање на позначајните иконописни дела од црквите во Западна Македонија. Истовремено веруваме дека сосем блиску е истрагата зад петиците на организираната група која ги реализира кражбите. Второ: предлагам од претставници на МПЦ-ОА, од претставници на државната управа (МК-Управа за заштита на културното наследство и МВР) и од неколку други структури од општеството, да се формира национално тело за заштита на културното наследство, со оперативно-стратешки принадлежности.

ПРЕС24:  Има ли управата прецизни податоци колку икони изминативе  дваесетина години се украдени од македонските цркви и манастири?

КУЗМАН: Податокот од „20 000 отуѓени икони од македонските цркви и манастири“ со кого оперираат некои медиуми, е многу стар (своевремено тоа го изнесе д-р Коста Балабанов), но тоа се однесува не само на „нашето време“, туку и на времињата од пред Втората светска војна. Последниве четири години од крадците се однесени 400 икони, а пет години пред тоа не сме имале ниту една евидентирана кражба.  

ПРЕС24:  Каде завршуваат овие вредни предмети? На црниот пазар во Македонија или надвор од државата?

КУЗМАН: Убеден сум дека тие можеби сé уште се складирани на некои тајни места во земјата, но целта е, во погодни моменти, да се изнесат надвор од државата и да завршат на црниот пазар во странство. Не се исклучени и врски со соседните земји, според мене.

ПРЕС24: Симптоматично во сите овие случаи е што крадците веројатно ја знаат вредноста и ги крадат само оние икони и предмети кои имаат голема уметничка вредност?

КУЗМАН: Сосем е извесно дека во „оперативната група“ е вклучено лице со одредени познавања на вредностите од иконописните дела. Кое и какво би можело да биде тоа лице, ќе се дознае  откако ќе заврши целата оваа „приказна“

ПРЕС24:  Во јавноста постои сериозен сомнеж дека сите овие кражби и препродавања на вредни предмети не се можни без логистика одвнатре?

КУЗМАН: Бидејќи и јас сум дел од јавноста, се придружувам кон вкупното мислење.

ПРЕС24:  Дали овие кражби се дел од организиран ланец или пак, се поединечни случаи?

КУЗМАН: Јас лично мислам и убеден сум дека се работи за една единствена организирана група која е поврзана со други елементи во странство.

ПРЕС24:  МПЦ постојано потенцира дека не постои начин црквите и манастирите да бидат осигурани, дека осигурителните компании не можат да направат проценка на вредноста. Но, сепак кога државата изложува икони и вакви предмети во светските метрополи, тогаш се прави осигурителна проценка.

КУЗМАН: Јас ништо друго нема да кажам, освен ставот на сите „заштитари“ дека културното наследство е бесценето. Ако ние мора да кажеме цена, тогаш кажуваме што повисоки цени, но тоа не му одговара на оној што треба да го осигура тоа културно наследство. За да се осигура многу вредно културно наследство, потребни се многу пари, кои од една страна одговара на осигурителните компании заради поголема заработка, но не одговара на оние кои треба да ги обезбедат тие пари. Затоа МПЦ „постојано потенцира“. Иконите што се испраќаат на изложби во светските метрополи се осигуруваат од осигурителните компании на земјата која е организатор на изложбата за времето додека престојуваат таму. Македонија, притоа, едвај успева да го осигура транспортот на истите тие вредности, бидејќи се работи за енормно високи суми, дури тоа често се остава на шпедитерските куќи, кои се снаоѓаат на некои нивни начини.

фото: Новини.мк

најчитано сега