Сопругата ќе му подари бубрег за да му го спаси животот - еве со што се среќаваат хирурзите од скопска Урологија
Педесет и првата трансплантација на бубрег се изведува денеска во Центарот за трансплантација при Клиниката за урологија. Станува збор за 56 годишен маж на кого му се трансплантира бубрег од неговата 49-годишна сопруга. За само 15 месеци (од април досега) направиме 50 трансплантации со минимален број на компликации. Лидери во регионот сме по број на трансплантации од жив дарител. Со овој резултат веќе се вброивме меѓу најреномираните установи во регионот, истакна шефот на Одделот за трансплантација Сашо Дохчев, кој рече дека сме на второ место, веднаш зад Хрватска, според бројот на трансплантации во тек на една година веднаш зад Хрватите.
Имавме, посочи тој, еден смртен случај поради една тешка габична инфекција со сепса, пациентката почина и еден случај со отфрлање на бубрег кој моравме да го извадиме.
- Другите пациенти се добри. Имаме голема екипа која е заслужна за овој успех. Се надевам и натаму ќе продолжиме со истото темпо. Во тек се подготовките за воведување и на кадаверичната трансплантација бидејќи од пациентите нема секој жив дарител. Имаме само четири кревети во Центарот. Се надевам ќе се реновира и прошири Центарот и ќе има барем уште два кревети. За трансплантација се подготвени уште десетина приматели и дарители, потенцира Дохчев.
Одговарајќи на новинарско прашање рече дека Хрватска е лидер во цел свет според бројот на трансплантации, членка е на Еуротрансплант и многу им е олеснета работата.
- Секојдневно има размена на органи меѓу членките на Еуротрансплант, додаде Дохчев.
Директорот на Клиниката, Михаил Пенев рече дека имаат добра соработка со Фондот за здравствено осигурување на Македонија кој им одобрил 15.000 евра експлантација и трансплантација.
- Ми кажаа дека нема ограничување за бројот на трансплантации. Тимот работи за плата како и сите други. Министерот најави дека ќе биде награден тимот, истакна Пенев.
Одговарајќи на новинарско прашање за тоа од колку кадавери би можело да се земе бубрег во текот на една година, тој рече дека тоа е комплексен проблем.
Појасни дека за кадаверична трансплантација се зема бубрег од пациенти кои се во кома и можат да се повратат во живот.
- Има околу 100 случаи со кома годишно од кои може да се земе по два бубрега. Законот ќе се донесе, но тој нема облигаторна пракса. Закон ќе има, но ако фамилијата не потпише тогаш нема ништо од тоа. Опрема има, кадар има, но треба да се подигне свеста кај населението за трансплантација, нагласи Пенев.
Тој додаде дека пациентите примаат најсовремена терапија, дека им даваат бесплатно терапија (која чини над 2.000 евра) за 90 дена по извршената трансплантација.
Доктор Дохчев додаде дека најмладиот пациент кој имал трансплантација, имал 17 години, а најстариот 62 години. Детските трансплантации се вршат на Клиниката за детска хирургија.