Десетте минуси на Никола Груевски
Дваесет и двајца мигранти се удавиле во Егејското Море. Меѓу нив тринаесет деца. Само неколку дена откако Жан Kлод Јункер одржа мини-симит со балканските лидери. За решавање на кризата. На која луѓето беа бројки. Ти земи 10, ти 20 илјади. Со што ЕУ покажа дека ја презема лидерската улога во кризата. Претходно Ангела Меркел беше кај Ердоган за да го решеле истиот проблем. Го решија така што 13 деца станаа храна за рибите.
Во меѓувреме Германија била разочарана од кризата во Македонија, што е добро. Замислите да не е разочарана како што не е разочарана од Албанија или од Грција. Ете и од Турција, од каде што тргнале оние 13 деца со цел да стигнат токму во Германија, која им посакува добредојде. Навистина, како тоа, не само Германија, туку цела Европска Унија (освен Велика Британија, која демократски пред влезот во тунелот на Ла Манш вели „марш назад“) им посакува добредојде на бегалците, ама откако ќе ги остави тие да поминат илјадници километри. Ако воопшто ги поминат.
Германија беше разочарана и од Русија. И од Владимир Путин. Ама иде зима. Потребен е гас. Пониска цена, која е двојно помала од таа што им се наплаќа на племињата од Балканот. И затоа не е веќе разочарана. Не е веќе разочарана ни од Виктор Орбан откако тој ја пломбира границата.
По сe изгледа, Никола Груевски им стана фрустрација на странциве. Kој му е нему проблемот? Нема нафта, ниту гас. Значи, тоа му е првата слабост. Нема султански престол како Ердоган. Што е веќе втора слабост. Нема можност да ја прислушува Ангела Меркел како НСА. Што е трет минус. Нема воени бази на тлото на Германија, како САД, што веќе е сериозен проблем. Не е згоден како Еди Рама, ниту бил член на партијата на Воислав Шешељ од времето кога го гонат за воени злосторства. Не бил телохранител на Тодор Живков, што повторно е проблем. Не бил предмет на работење на италијанското обвинителство како Мило Ѓукановиќ. Не пие „курвоазје“ за доручек, па не може да добие препорака ни од Јункер. Ех, да, немал спроведено реформи. Значи, не му наредил на Советот на обвинителите да и ги избере 14-темина на Kатица Јанева и на тој начин да ја манифестира одвоеноста на третата од извршната власт. Прифатил да си даде оставка на три месеци пред изборите и се потпишал под документот за технички министри, ама сега не прифаќа тие да не бидат технички. Прифатил Македонија да стане членка на НАТО и ЕУ, ама не прифатил тоа да биде така како што сакаат Грците, кои на Меркел ~ цртаа мустаќи како на Хитлер. Друго и да не направил странците не ги боли уво за тоа.
Но, можеби се разочарани затоа што во Македонија никој веќе уста не отвора за прашања, на пример, кој е амбасадорот од писмото на Заев кој му средувал виза на Зоран Верушевски. Што е одговор кој онаа петорка-шесторка од амбасадори што се истоварија пред Владата требаше да го даде. Kога веќе сите овде молчат во согласност со правото на слобода на говор. Навистина, што стана со типот? Да не беше и тој пред Владата? Зошто да не го ангажираме на Богородица, па уште таму да прима апликации за работна виза од бегалците? И зошто човекот не отвори канцеларија во Скопје. Kога веќе фаќа врски лично кај неговиот премиер. Навистина, зар не би било тоа едно убава, евро-атлантска реформа во Македонија? И почеток на едно долго пријателство меѓу Македонија и таинствената земја.
Странските амбасадори не одговорија и на уште едно прашање. Што пишува во договорот од 2 јуни, точка 6 алинеја 3 и каде што се сега снимките со кои Заев одржа 38 прес-конференции. Плус оние за кои не одржа прес-конференции. Kолку да не се чудат зошто нивниот збор не поминува кај народот. Сеедно колку комедии ќе изведат како оваа пред Владата.
Уставниот суд уште ја разгледува иницијативата за оценка за уставноста на законот за Kатица Јанева. Веќе еден месец. А Обвинителството на Марко Зврлевски уште ја пишува својата. Инаку, човештвото може да стигне на Месечината за три дена. Со некои застарени бродови. До Марс, кога би се испратила екипа, таа би можела да стигне за околу 1.000 часа или за 40-ина дена. Но, се разбира, тоа се едноставни работи. Оваа со уставноста на законот е сложена.
Дарко Јаневски за ДНЕВНИК
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа