Организаторите на релито „Македонија независност 2015” на прием во АМС
Организаторите на 24-тото традиционално меѓународно рели „Македонија независност 2015” Тошо Маја и претседателот на Мотоциклистичката федерација на Македонија Зоран Наумовски денеска во Агенцијата за млади и спорт остварија средба со директорот Марјан Спасески.
На средбата Спасески беше запознаен со тековните подготовки и целокупната организација на ова рели, кое годинава ќе има и хуманитарен карактер.
-Драго ми е што традицијата продолжува и Мотоциклистичката федерација се вклучува во спортските настани за одбележување на државниот празник “8-ми Септември”. Искрено се радувам што годинава, покрај ревијалниот, мото релито ќе има и хуманитарен карактер и ќе добие димензија на привлекување на што е можно поголем број луѓе и компании да ја искажат својата хуманост и општествена одговорност и да им помогнат на оние на кои им е најпотребно, потенцираше директорот Спасески.
Традиционалното меѓународно рели веќе 24 години наназад успешно е реализирано од страна на Мотоциклистичката федерација и може да се каже може дека е една од најстарите манифестации кои во континуитет се организираат за одбележување на Денот на независноста на Македонија.
-Најавено е учество на голем број натпреварувачи од Македонија и регионот па и од Европа. Досега се пријавени околу 450 вљубеници на овој спорт, што незначи дека до сабота, бојот на учесници не би се зголемил, изјави Наумовски.
Меѓународно рели на 6 септември ќе се движи на патните правци Скопје, Куманово, Кратово, Пробиштип, Кочани, Виница, Берово, Струмица, Стар Дојран, на 7 септември продолжува во Гевгелија, Кавадарци, Прилеп, Битола, Отешево, Охрид и на 8 од Охрид, преку Струга, Дебар, Маврови Анови, Гостивар, Тетово завршува во Скопје.
Релито стартува во сабота од Порта Македонија, во периодот од 8 до 10 часот.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа