Дијаспората е дел од македонското национално битие

 

Ништо не е поинаку со кампањите и хајките против македонската дијаспора. Тоа останува исто, со децении, независно дали доаѓаат од KПМ, од нивните наследници во СДСМ или нивните медиумски трабанти. И го гледаме повторно, преку обидот да се укине правото на глас на македонската дијаспора. Всушност, секоја година ги гледаме тие циклуси на напади и оспорувања на правото на глас на нашата дијаспора. Таман кога ќе поминат неколку месеци без медиумски хајки и спинови, тогаш следува нов бараж и нови канонади. Тоа е само континуитет на градење на негативна перцепција и негативен однос кон целото наше иселеништво, кон целата иселена Македонија. Тој негативен одиум трае цели 7 децении, а имаше и има за цел да изгради недоверба кон нашинците во светот. 

Тие треба да се претстават како нешто туѓо, од кое татковината треба што повеќе да се оддалечи. Агитаторите против македонската дијаспора сметаат дека тоа туѓо тело треба што повеќе да се изолира. Да се блокира од учеството во македонскиот јавен и политички живот. Да се исмева и да се подбуцнува анимозитетот кон цела категорија луѓе, кои од разни причини заминале во странство. Не по своја вина. Не поради тоа што сакале. Не поради тоа што го завртеле грбот на Македонија. Не поради тоа што сакале да се дистанцираат од својата држава, од своето семејство, од својата родна грутка.

Тие луѓе заминале од разни причини, вклучувајќи и поради немање доволно можности. Заминале поради политички прогон од комунистичкиот режим, каде што многу од нив служеле затворски казни. Заминале поради прогонот од страна на грчките андарти и грчката тајна полиција, кога морале да шепотат кога зборувале македонски. Заминале поради лошата економска политика во 60-тите и 70-тите години. Заминале затоа што им било национализирано земјиштето, а добитокот на сила однесен во задруги. Затоа што им ги одзеле нивите и овоштарниците, затоа што им ги убиле козите и затоа што им ги национализирале стадата.

Заминале затоа што морале да бидат интернирани, преселувани и затоа што југословенската власт гледала на нив како антидржавен елемент. Заминале затоа што сакале да ја видат независна Македонија. Заминале затоа што сакале подобра перспектива. Затоа што сакале да живеат во развиените пазарни економии, далеку од придобивките на марксизмот и ООЗТ економијата. Заминале во новиот свет за подобар живот, за поголеми можности и нов почеток.

И, дали сега треба да се осудат тие луѓе? Дали треба државата да ги доближи или оддалечи од себе? Дали треба да ги анимира или на сите начини да им го загорчи искуството со државните институции?

Исто така, има уште една важна димензија. Гласањето е уставно гарантирано право. Уставот на Република Македонија јасно кажува дека државјаните на Република Македонија имаат право да избираат и да бидат избирани. Нема никаква дистинкција, никаква разлика помеѓу државјаните на Република Македонија кои живеат во татковината или во странство. Значи, нападот врз гласањето на македонските иселеници е напад врз нивното уставно гарантирано право.

Дополнително, се оди со наративот и со спинувањето дека тоа гласање е скапо и дека има свои трошоци. Но, свои трошоци има целиот изборен процес. Ако се следи таа нелогична „логика“, дали тогаш треба да се укинат и самите избори?! Поради трошоците, нели. 

Дали наследниците на KПМ сакаат се вратиме во времињата на 1945 – 1990 година, кога цели 45 години немаше ниту едни избори. Во времињата кога KПМ владееше цели 12 мандати без избори, а сите пратеници, сите министри, сите градоначалници и сите општински одборници беа од една партија, од нивната KПМ? Дали таа нивна квазилогика треба да значи затворање на барем 600 – 700 помали избирачки места низ цела Македонија?! Дали поради рационализирање на трошоците или некаква си само ним разбирлива „демократска рентабилност“ треба да се затворат избирачките места во помалите села каде што има 5, 10, 20 или 50 избирачи?! 

Нели, тоа се мали места и според нив веројатно државата не треба да се мачи и троши себеси со избори во такви населени места и во толку мали средини. Изгледа нелогично, нели? Е, токму тоа е логиката која сака да ни ја сервира СДСМ со иницијативата за укинување на гласачкото право на македонската дијаспора. Од тие причини, во досегашниот Изборен законик максимално се усложни гласањето на дијаспората. Од периодот на регистрација, преку документација, до бирократски процедури. Намерата и желбата на СДСМ беше што повеќе да се усложни и отежне гласањето на дијаспората, за одѕивот и бројот на гласачи да биде што помал. 

Зошто? Затоа што го знаат расположението на македонското иселеништво. Затоа што знаат дека таму добиваат одвај 3, 5 или 8 отсто од гласовите. Затоа што тие луѓе самите го имаат почувствувано студенилото на СДСМ кон оваа категорија на луѓе, која е неизоставен дел од националното битие на нашиот народ. 

На тој начин, паѓа уште една лага на опозицијата дека последниве 8 – 9 години од Македонија се иселиле 100, 200 или 300 илјади луѓе. Ако е така како што тврдат во СДСМ, зошто во дијаспората добиваат одвај 100 или 200 гласови? Зарем тие стотици и стотици илјади иселени луѓе „последниве години“ поради „лошото владеење на ВМРО-ДПМНЕ“, не се одличен потенцијал на опозиционо настроени гласачи?! Јасно е, нелогичностите се повеќе од очигледни.

За крај, би сакал да ви го честитам Илинден. Свет ден во минатото на македонскиот народ. Ден во кој Македонците во 1903 и во 1944 јасно кажаа дека сакаат своја државност, која ќе ја градат заедно со сите националности кои живеат во Македонија. 

Честит и вековит Илинден, кој е траен идеал во борбата на нашиот народ, без оглед каде живее, дали во татковината или насекаде низ географските меридијани. Нека ова биде ден кој ќе се празнува секаде каде што живее македонскиот народ или иселениците од Македонија, во татковината или во светот.

Влатко ЃОРЧЕВ за ДНЕВНИК

 

 

 

 

Оцени ја веста

05.08.2015 - 14:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега