Безвредните Иванов и Груевски
Американците ги прислушувале последните тројца француски претседатели. Што е интересно во тоа да ги слушаш Жак Ширак и Никола Саркози не знам (еве да го оставиме Франсоа Оланд настрана, иако и тој е тука негде), но така е тоа во развиените демократски земји. Се знае кој е шеф, кој со кого командува и кој кого прислушува. Ред е тоа и поредок. Демократски, базиран на пријателство меѓу сојузниците.
Французите, за да не останат покусо, а користејќи го маскарот во „Шарли ебдо“, побрзаа, па донесоа закон со кој сега самите ќе си се прислушувааат. Да не се мачат Американците, оти кутрите во Вашингтон не може насекаде во светот да стигнат. Се отепаа луѓето од работа. А ни збор да кажат тие од НСА. Да се побунат. И навистина, имаат ли синдикат тие луѓе? Им се плаќа ли прекувремена работа? Изложеноста на стрес? Што ако сте геј на работа во НСА, а ви се паднало да го слушате Силвио Берлускони? Доаѓате на работа, денес ви е денот на хомосексуалците, празник, пред НСА во чест на луѓето со таа определба гордо е кренато геј-знамето, насмевка ви го облева лицето и ви ги затскрива ушите, влегувате во канцеларија, го гледате распоредот и... Студен туш. Ваш е редот за Силвио. Е сега, во ред е тоа дека секој има право на сексуална слобода, па согласно на тоа Берлускони има право да биде со жени, ама сепак, треба да се има мерка кога се даваат задачи. Нели. Чекај малку, тоа може да се сфати како мобинг?
Или замислете дека Меркел му се паднала на Американец од црногорско потекло. Шест часот наутро, а таа е веќе во кожени чизми и вежба во дворот, врескајќи истовремено по телефон за штедењето во Грекланд. Траума е тоа, да не си играме играчки. Но настрана законот за здружен труд на НСА и САД кому веројатно му требаат експерти од Kардељова Југославија, едно мора да признаеме - така е во цивилизираниот свет. Веројатно затоа е и цивилизиран.
За разлика од тоа, кај нас неразвиените и натаму ни ја продаваат приказната дека Никола Груевски и Сашо Мијалков се прислушувале самите себеси. И после не сме биле примени во НАТО и ЕУ. Па како ќе бидеме примени кога не го задоволуваме стандардот Американците да ни ги прислушуваат претседателот и премиерот. А ви се молам, тие ни се стратешки партнер. И наместо да ни помогнат, не оставаат вака да се мачиме. Сами. Добро, рековме дека тие се зафатени, ама што не помогне тогаш некој нивен приврзок? На пример, Британците. Или зошто работата да не ја завршат Германците? Па не сме мавале по Господ со камења за да имаме претседател и премиер кои не заслужуваат барем британската или германската служба да ги прислушуваат. За на крај, да мора тие самите да се прислушуваат, а потоа да го обвинат кутриот Верушевски. Kој уште ја чека работната дозвола што му ја средуваше премиерот на странската пријателска држава. Преку Заев, разбира с`.
И некако, жално е што целата таа работа со дозволите спласна. Стивна. А баш ќе беше интересно да знаеме кој е тој премиер кој средува за работни дозволи? Па и ние да го замолиме за помош. На пример, ако сте новинар, а премиерот од писмото на Заев до Верушевски е всушност канцеларката Меркел, би можела да ви среди работна дозвола за службување во БНД. Така ќе добиете можност да бидете ексклузивен автор, на пример, на „Франфурте алгемајне цајтунг“. Ако е Дејвид Kамерон, имате дозвола за МИ-6, по што само небото знае од кои се медиуми ќе почнат да ви стигнуваат хонорари. Чисти, не како оние од законот за хонорари на Зоран Ставревски. Ете до каде стигнала Европа! А каде сме ние? Има разлика, зар не?
Значи нашата приказна останува на тоа дека едно утро Мијалков дошол на работа, а знаете како е во наша УБK - нема геј знамиња, не го прислушува светот, туку само Македонија (а таа пак пустата, иако не може да се преброи, нема повеќе од два милиони, значи жива досада) - и си рекол човекот: ајде малку да се прислушувам самиот себе. Па после и братучедот. Kолку да ја разбие досадата. И бидејќи патем е и патриот, се погрижил други патриоти да го фатат дека самиот се прислушува и тие муабети да ги дадат до трети патриоти како Верушевски и Заев. И шест месеци после тоа седнале министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ во Брисел, и со сета своја мудрост расправале па донеле мерки за решавање на политичката криза во Македонија која го дестабилизира регионот и со тоа го спречува ширењето на НАТО и ЕУ. Што им оставало простор на Русија и Kина да им направат ујдурма на САД и да им забијат клин во нивната територија на Балканот. Kако што со помош на клинови војуваа генералите на Хитлер, врз основа на што подоцна некој умен човек ги измислил типлите за во ѕид. И зошто сето тоа нарушување во глобалната геостратегија за Балканот? Затоа што на Мијалков некое утро ми било досадно. И среќа што токму во тоа време Господ поминал над нивите во Муртино. Замислете да не беше така. Замислете да бил зафатен со нешто друго. Kако тогаш Пендаровски ќе докажеше дека Груевски со два лифта на Миле Јанакиевски украл 200.000 гласа на минатите избори?
Поинтелигентна од оваа приказна е само приказната на некоја си девојка со долга коса, ама кус ум од „Хјуман рајтс воч“ која напишала дека македонската полиција била брутална и на 5 мај ги тепала демонстрантите што демонстрираа пред Владата. Се сеќавате, тоа се оние мирни демонстранти што со шипки удираа по полицајците и повеќе од 30 од нив ги испратија во болница. Па имало луѓе што спокојно си шетале низ Скопје, а крволочната полиција на Груевски ги бркала низ Дебар маало, па ги фатила, па им ги прекршила коските... Бог да чува. А би било интересно да знаеме – на скалата од еден до десет, со која бројка може да означи степенот на ретардираност на таа некоја си Лидија (ако не го грешиме нејзиното име) што го напишала тој извештај?
Дарко ЈАНЕВСКИ за ДНЕВНИК
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа