Зрели или зелени
Зелено или зрело е состојба која природно се менува, најчесто кај овошките, а неретко и кај луѓето. Зрелото се користи, употребува, а зеленото се негува, се чека да узрее. Некои не узреваат, едноставно си остануваат зелени, некои ќе ги изедат штетниците уште не узреани. Има некои кои консумираат зелени, неузреани природни продукти мислејќе дека се поздрави, поубави, покорисни па тоа топло им го препорачуваат на другите.
Тоа е состојбата во природата ама некако слично е и во општеството, со луѓето, со процесите, со односот кон државата, иднината.
Ние сме нова млада демократија, општество се уште неузреано до крај. Е има де некои кај нас кој се зрели, некои половично узреани а богами има и зелени и тоа онака бенетон зелени, дури не се ни пожолтени. Е сега да бидам искрен имам впечаток дека има и презреани па почнале да скапуваат, да смрдат. И тие можат да бидат од корист ама за некои други, подземни суштества.
Пример за зрелост, односно препознавање на зрелоста ги сметаме тие од надвор, меѓународните посредници, емисари, фактори кои не проверуваат до каде сме, дали сме подготвени за берба.
Тие користат разни методи и препарати за побрзо узревање па те не кварцаат, те не влажнат, те не пробуваат дали сме вкусни, имаме ли доволно граѓански витамини, демократски протеини, европски квалитети, зошто таму се оди заедно цело општество, држава, комплетно узреани и со иста боја, само нијанси се дозволени.
Значи сите мора да стекнеме европски препознатливи вредности.
Една од европските вредности која експлицитно не се искажува но сите кои се барем полузрели можат да ја согледаат. Тоа е кога ке настанат проблемите и конфликтите во некои општества, истите да се решаваат со разговор, договор во кој нема победници и поразени, добитници и губитници, едноставно треба и мора да се постигне win-win состојба.
Да не набројувам примери, но тоа се ненапишани принципи кои се користат после Втората светска војна на тлото на Европа и ако добро се размисли скоро сите меѓудржавни или внатредржавни проблеми, разлики, несогласувања се решени со win-win метода. Ем никој не се е поразен ем никој не е победник, а работите си одат понатаму.
За да се стаса до таква состојба потребно е разбирање, попуштање, аргументирање но и согледување на туѓите аргументи и споредување со своите, а сето тоа се вика состојба на политичка зрелост. Тоа е доблест. Тоа е гледање напред во иднината, која не е само твоја или моја. Таа е заедничка.
Епа немам некој силен впечаток дека сите политички чинители кај нас ја имаат таа доблест да ја видат заедничката иднина и да се договорат, согласат за некои принципиелни политики за односот на нашата држава кон светот почнувајќи од соседите, а уште поважно и за принципи за внатрешните односи кои се обременети со состојби кои изгледаат навидум нерешливи.
Ако политиката е метод да се стигне до некои зацртани цели за општеството, тогаш ние сме многу далеку од држава со изградени стратегии за постигнување на целите.
Значи, можам да разберам дека различните политичките чинители имаат различни методи да се патува и стаса таму до целта, ама кај нас целта е различна, не се наоѓа на исто одредиште а тоа е веќе многу поголем проблем.
Тука неможат да помогнат ни емисари ни посредници. Тие ќе дојдат или ќе ве викнат кај себе и само ќе го изгаснат пожарот со ситен политички поткуп. Тоа не го решава проблемот. Тие не треба да ни ги покажат целите, одредиштата. Тоа не е нивна работа ниту предизвик. Тие цели се само наши. Ние треба да ги усогласиме и цврсто да се држиме за нив. Тие само можат да помогнат да ги пронајдеме.
Политичкава криза не ја откри само различноста на политичките методи туку и различноста на политичките цели. Е, тоа е веќе сериозна политичка незрелост.
Ама ајде да го оставиме тоа, зошто сигурен сум дека типови како Груевски, Заев, Ахмети и Тачи немаат исти цели за нашево општество и нема да ги имаат долго после оваа криза, но барем да договорат да премостиме барем некој период додека да дојде некоја нова генерација која да се надеваме ќе лоцира исти цели на исти одредишта а за методите како да стаса до нив нека си вадат очи.
Кога ќе се соочат со ваква состојба посреднициве веднаш нудат нови избори као којзнае што се решава со нив. Е добро де се договорија за избори и толку.
Едниов попушти за избори, попушти за смена на министри, попушти за техничка влада 3,4 месеци пред избори, за нов избирачки список, за нов обвинител, нов попис (тешка рабоата), за се а другиов нејќе да мрдне назад ни за јота што би рекол еден од постарите политичари кај нас, па сега му се криви и посредниците. Сега и тие биле против него па сега се изнаредија разноразни нивни аналитичари да истражат и истакнат као тој (Хан) бил недоветен за оваа задача, како имал бизнис интереси па навивал за ВМРО и таканатаму. Е многу убава стратегија смислиле. Дури и најголемиот борец за демократија и граѓански слободи кај нас од иститутот за социолошки и правни истражувања вели дека со начинот на кој ги води преговорите Хан покажува дека е потполно несоодветен за дадената задача.
И додека Груевски кажува што се случило во Брисел пред камери на сите медиуми, Заев ја кажува својата прикаска во шатор пред влада и се разбира на Телма со јасната изјава дека работите се движат во за него очекуван правец.
Ете тој е правецот, да нема договор, да нема избори, да има хаос, шатори, да падне владата, па дури после да ги решаваме проблемите. Е, па другар Заев многу убав правец си одбрал. А што да правиме цела година? Од што да живееме? Овој правец ли ќе ни обезбеди работа, пари, инвестиции, овој ли правец ќе не однесе во НАТО, Европа, овој ли правец ќе го реши спорот со името? Овој ли правец ќе обезбеди поголем економски раст од најголемиот во Европа?
Ова е тотална незрелост, ова е состојбата во која гледате метод на политичка борба со улична демократија од која не може ни да се наслути целта, освен нели, онаа да падне владата.
Е, јас да сум Груевски веднаш ќе го предложам Заев за премиер, зошто и така ни еден мандат не дотурка до крај, а тој Заев веднаш да ги реши проблемите, па на избори и се по ред само да му го направиме кеифот.
Бујрум бе Зајко на избори што ти и твоите ќе ги подготвите и спроведете, само да не испадне после од заев-заеб па сам да се заебе на избори и после каде?.. каде бе?….. у Брисел таму да поставите шатори, зошто после тие ќе бидат криви, недемократи, тие ги наместиле изборите, тие го протежираат Грујо и таканатаму.
Ама ако победи има да летаат глави и тоа прво на сите вмровци а после и на другите недемократи(изгеледа ќе останат само тој, Владе, Рада и нешто ситно), сите по списокот на Сорос Хелсиншки, Транспарентност, Цивил и други.
Абе овие ги заборавив, се прашувам ако Зајко победи па што ќе работат тие. Нели сите проблеми ќе бидат решени, ќе си ја вратиме ем демократијата, ем државата, ем граѓанските слободи и тие нема да имаат работа и оп ќе си станат или пратеници или министри.
Се ќе процвета, па ќе имаме плодови ама зелени и кркај кркај …..оп да не не стегне стомак….охо…. веднаш ми се раѓа нова идеја.
Во програмата за изборите Зајко да вгради изградба на сто илјади јавни клозети (дваесетина веќе се поставија пред влада) зошто ќе се протежира зелена исхрана па да не настанат проблеми по улици и паркови со празнење.
Ете тоа ти е. Едни ќе прават згради, споменици, спортски сали, автопати и булевари а другиве јавни клозети зошто ќе не хранат со зелено, зошто така е подемократски.
Најважно е дека ќе имаме слобода.
Слободно си одиш понадвор каде што ќе те стегне, немораш да се стискаш до дома
Томислав КОЦЕВСКИ
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа