Како изолираниот Груевски стана миленик на лошиот Запад

 

Нешто потенцирано! Има ли некој во опозицијата, ако веќе нема во СДСМ, кој може да му објасни на Заев со какви позиции ќе патува в среда во Брисел? Да го потсети дека Јоханес Хан на пример е власт во Европската Унија, а тој и Груевски ќе преговараат со Европската Унија. Едноставно да му каже отворено дека пристрасен може да биде брат му Вицето, а не Хан.

Ако Лидија Димова не знае, Шекеринска би требало да знае дека циганчењето во такви преговори значи дека на следната средба добивате барем два пати полоши преговарачки позиции. Воздигнувањето на циганчењето во инает, значи дека разговорите се завршени, а Вие треба да го ставите потписот на капитулацијата. Во спротовно изборот ви се сведува на опцијата наместо вас, друг да го стави тој потпис во ваше име. А, тоа е последната фаза пред абдејтување на црната листа на ЕУ.

Хан е политички актер во Европа со тенденција за збогатување на неговата политичка кариера и никаква импровизација не му е во корист. Особено не неуспех во решение на ваква смешна политичка криза во минорна држава каква што е Македонија. Ако авторитетот и политичката кариера на Заев не му вредат ни пет пари е негов проблем. Авторитетот и политичката кариера на Хан е негов влог во оваа политичка рашомонијада што токму Заев ја почна. И тој влог од овој случај ќе биде дуплиран. Така ќе заврши ова. И добро е тоа Заев да го знае, особено кога веќе решил да му става сопки на Хан, само затоа што Фрчо и Геро мислат дека Хан бил „дил ориентед” на страната на Груевски. Па затоа добро било да почекале САД да се вмешале во ситуацијата. За да не чекаат бадијала утредента Вашингон депонираше одговор. „Хан ја има целосната наша поддршка за решение на кризата”. Толку. Но, така е тоа кога советници на македонската опозициска „авангарда” се досаден екс-новинар, нереализиран претседнички советник и пропала певаљка. И кога сето тоа ќе се зачини со идеолозите на омразата во Македонија се добива производ , што и колку и да си политички аматер ќе разбереш дека е на твоја штета.

А, ако реално, пак, се погледнат состојбите лесно може да се види дека Заев од оние разговори во Скопје, или од „договорот од Пржино”, како што омаловажувачки го дефинираа мегофоинте на СОРОС, излезе со предност од 2:0.  Или, ако сакате со поинаков речник Груевски повлече потези кои демонстрираат две отстапки. Првата отстапка се оставките на тројца најблиски соработници и втората е направена токму со договорот во Скопје. Таму заклучокот е дека кризата ќе има политичко решение и тоа веројатно пред правното решение. Јас гледам и уште една отстапка.  Април, како термин за предвремените избори не е избор кој го посакувала власта. Во вториот дел од заклучокот на тој договор во Скопје има уште една отстапка од позициите на власта, ако се суди по барањеата на опозицијата. „Транзиционен период во кој ќе се дефинираат услови за слободни, фер и демократски избори”. Која отстапка направи опозицијата во досега договореното?  И кај е тука пристрасноста на Хан? Во сознанието дека во Брисел в среда резултатот нема да биде 3:0 за опозицијата? Преговорите секаде во светот завршуваат со резултат од 2:2. Што значи на ред е Заев.

Но, вака така работите си доаѓаат на свое место. Полека, но сигурно распукува балонот дуван со лагите за анти европската ориентација на оваа власт. Кој и колку е ЕУ и НАТО ориентиран, деновиве лесно се чита од интензитетот на бесот што оркестрирано од „Павелшатевска” се шири низ форма на некакви истражувачки стории за минатото на Хан и неспособоста на Европјаните. Од позиција на изолиран политичар, сега Груевски стана миленик на лошиот Запад. Е како бе? А, можеби и Хан не е проевропски ориентиран? Од кај знаеш… Се си бидува… Само проектот „Вистината за Европа”, може да го открие лицето на Хан. Тие епизоди се во некоја од следните сезони на серијалот „Ало Ало…”

Во нивно очекување добро е да се потсети, онака колку да не се заборави, дека токму ВМРО ДПМНЕ ги постави столбовите на прозападната ориентација на Македонија. Почнувајќи од 90-те, кога СДСМ одлуки носеше во консултации со Белград. Во оваа држава во 25 години се менуваа влади на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, кои и како и со кој интензитет ја водел Македонија кон НАТО и ЕУ е мерлив параметар. Има листа на значајни настани со датуми. Лесно се споредливи. И се лаже оној кој мисли дека тоа може да го избрише од историјата. Во архивите ќе останат запишани и билатералните средби на македонските премиери и претседатели.. Кој со кого и кога се среќавал и соработувал. Ќе останат во архивите запишани и имињата на оние кои организираа „анти НАТО протести”,  ја палеа американската амбасада во Скопје. Наследницте на тие политичари пред да се колнат во ЕУ и НАТО принципите чесно е прво да реализираат извинување на меѓународната, а потоа и на домашната јавност за односот на своите претходници.

 Но, зошто во Македонија беше потребна приказната за анти западната ориентација на власта. Затоа што на таа приказна најлесно се гради приказната за недемокраскиот режим и диктатура. Единствената политичка понуда на опозицијата од 2007 година до денеска. Иако константно поразувана на избори, сепак недоволно за нејзино депласирање. Сега по оваа политичка криза која веќе една година трае во Македонија би сакал да мислам дека кај власта конечно е созреано сознанието дека за пораз на таа политичка платформа на опозицијата е потребен пораз на нивните аргуменити. Претпоставувам дека на власта и е познато дека единствен начин за легитимирање на приказната за режимот во Македонија е само во реализација на сценариото за насилно рушење на Владата. И на тој начин остварување на проектите за „дегруевизација” и „струмичкиот процес”.  Единствениот метод со кој македонската опозиција би ја легитимирала својата улична политика. Во битката за поразот на тие сценарија вреди да се жртвуваат и принципите. Во Македонија нема диктатура. Во Македонија има власт која тешко попустливо се држи до своите идеолошки демохристијански принципи. Тоа можеби не е најлиберален однос на една власт. Но тие позиции и политички ставови се и легитимни и легални.  Иако тешко, сепак во кризни состојби власта покажала дека знае да прави компромиси и со своите позиции. Влогот секој сам си го избира.

Марјан Николовски за ДЕНЕШЕН

 

 

Оцени ја веста

08.06.2015 - 12:33

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега