Агенцијата за млади и спорт со соопштение за случувањата во МКФ
Агенцијата за млади и спорт на Република Македонија со соопштение се огласи за последните случувања во Македонската кошаркарска федерација и повикува да не се носат констатации, ставови и постапки кои може да и наштетат на македонската кошарка.
Интегрален текст од соопштението на АМС:
Агенцијата за млади и спорт на Република Македонија го искажува своето задоволство што ФИБА се интересира за актуелните случувања поврзани со Македонската кошаркарска федерација кои внимателно ги следиме, но препорачуваме да не се носат констатации, ставови и постапки кои може да предизвикаат сериозни последици за развој на кошаркарскиот спорт во Република Македонија и Европа. Во таа насока, Агенцијата за млади и спорт ќе испрати официјален допис до ФИБА.
Агенцијата за млади и спорт, согласно законите на Република Македонија, целосно ја почитува самостојноста на националните спортски федерации упатувајќи во рамки на истите да функционираат органите и телата задолжени за креирање на развојот на спортот и спроведување на програмските содржини, почитувајќи ги притоа законските процедури и постапки темелени на демократски принципи за што во Република Македонија се донесени современи закони: Законот за здруженија и фондации – според кој се конституираат и функционираат невладините здруженија и Законот за спортот – со кој е уредена законска рамка за развој и функционирање на спортските клубови и национални спортски федерации.
Покрај ова, Агенцијата за млади и спорт и Македонскиот олимписки комитет расправаа за дописот на ФИБА и имаат идентични ставови дека решавањето на настанатата состојба во кошаркарскиот спорт е во надлежност на органите и телата на Македонската кошаркарска федерација, со активно учество на сите нејзини членки согласно законските процедури.
Затоа, препорачуваме Федерацијата и Инцијативниот одбор, низ соодветна постапка и процедура, сите недоразбирања и спорни прашања да ги надминат, притоа целосно да се почитуваат законите на Република Македонија и актите на Федерацијата.
Агенцијата за млади и спорт апелира до сите релевантни субјекти во кошаркарскиот спорт кои носат одговорност во име на клубовите, спортистите и љубителите на кошарката да придонесуваат во развојот на кошаркарскиот спорт и истиот да го негуваат.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа