Николовски тврди: Ја почитуваме маката на тутунарите, субвенциите ги исплативме два месеци пред крајниот законски рок

 

Тутунот е важна култура во државата. Обезбедуваме најголем девизен прилив и ја почитуваме и ја вреднуваме маката на тутунопроизводителите, токму со сите мерки и исплатата на субвенциите, дури два месеца пред крајниот законски рок, изјави денеска од Прилеп министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

Тој, како што рече, од терен со тутунарите сакал директно да се информира за текот на исплатата на субвенциите за родот од ланската реколта.

 -Со едно решение во еден ден беа исплатени 26 милиона евра субвенции за околу 16 000 тутунопроизводители. Дадениот збор на тутунарите го исполнивме. Ветивме дека до крајот на април ќе биде реализирана оваа голема исплата, и тоа два месеца пред крајниот законски рок. Тутунот е важна култура за државата, но и култура која е тешка за производство. Ја почитуваме и ја вреднуваме маката на тутунарите, изјави Николовски.

Минатата година, како што рече, имавме квалитетен род кој брзо се откупи и тоа по просечна цена од 290 денари за килограм, што е зголемуваме за 44 проценти од реколтата во 2021 година. Ако на оваа цена се додадат субвенциите според новиот модел, вкупната просечна цена достигна 370 денари за килограм. Откупот помина брзо и без ниту еден проблем. Вкупната вредност на откупениот тутун достигна над 6 милијарди денари.

-Со ланската реколта испишавме историја според квалитетот, брзиот откуп и високите цени. Тутунот лани беше засаден на површина од 13 237 хектари што е зголемување на површините за 11 отсто. Тоа за 8 отсто го зголеми договорното производство. Лани поддршка за тутунарите обезбедивме и преку програмата за рурален развој, рече Николовски.

Министерот Николовски информира дека и годинава се очекува добра реколта тутун. Николоски ја нагласи поддршката за тутунарите, кои со откупувачите ќе преговараат за повисоки цени, поради зголемените трошоци. Од 10 мај ќе започнат редовни состаноци на потсекторските групи кога ќе се одржи Агро советот.

- На Агро советот ќе ги разгледаме сите идни перспективи во сите сектори, вклучително и тутунопроизводството. Од 11 мај до крајот на месецот ќе се одржат сите потсекторски групи, кога ќе бидат разгледани состојбите, очекувањата  за навремено да ги преземеме сите мерки и активности. Секако дека тутунопроизводителите ја имаат сета наша поддршка како и досега. Даваме максимална поддршка така што од дијалогот што ќе го го имаат со откупувачите за повисоки цени, секако дека ја имаат поддршката, изјави министерот Николовски.

28.04.2023 - 18:14

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега