Нема договор за минималната плата, ќе се креира официјална потрошувачка кошница
Нема договор за минималната плата, но ќе има официјална потрошувачка кошница што ќе ја креираат синдикатите, Државниот завод за статистика, Организација на потрошувачи, како и министерствата за економија и за финансии. Ова е договорено на денешната седница на Економско-социјалниот совет (ЕСС) што се одржа во Владата.
Претседателката на Организацијата на работодавачи Владанка Трајкоска посочи дека телото кое ќе ја дефинира официјална потрошувачка кошница најверојатно ќе се формира на следната седница на ЕСС.
„Нема договор за минималецот. Се дискутираше за минималната синдикална кошничка, но се официјализираше дека ќе има официјална потрошувачка кошница. Сметаме дека ќе биде официјална и институционална, ќе ги дефинира сите точки и ќе ги земе предвид сите потрошувачки елементи релевантни за една кошничка. Се дискутираше на неколку теми, меѓу кои и минималната плата, но имаше само дискусија, без ставови и заклучоци. Сите се стремиме кон ЕУ и она што го истражувавме беше дека ЕК нема директива за потрошувачката кошница. Секоја држава во регионот и ЕУ има и синдикална и кошница што ја формираат институциите и тие се разликуваат драстично, синдикалните се дури двапати поголеми. Тоа се политички одлуки и елементи кои ги користи Синдикатот за свои придобивки и тоа е нивен метод за вршење притисок“, изјави Трајкоска по седницата.
Според неа, не бил прифатен предлогот Владата да субвенционира дел од социјалните придонеси за да се зголемат платите.
Пред седницата на ЕСС работодавачите рекоа дека е можно минималната плата да биде и повисока од 450 евра ако Владата субвенционира дел од придонесите.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа