Мицкоски од Косово: Нашата визија како две влади е да ја растуриме маглата од минатото
Сите политичари од минатото, коишто се темни сенки бидејќи не можете да ги слушнете како зборуваат за предлози и реформи, единствената карта на која што ја темелеа својата децениска политичка кариера беше криминал и корупција и етнички конфликти. Ние велиме сега ќе ја растуриме таа магла и ќе гледаме јасно во иднината. Ќе гледаме јасно во процесот на реформи, реструктуирање на нашите држави, борба против криминалот и корупцијата и тоа е нашата желба и тоа е нашата визија како две влади и така ќе продолжиме и во иднина да функционираме, порача премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања на зедничката прес-конференција со косовскиот премиер Албин Курти.
Прашан за одлуките на Уставниот суд и зошто токму кога ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт се актуелизираат, Мицкоски рече дека од првиот до последниот судија во Уставниот суд се избрани во македонското Собрание кога мнозинство беше владината коалиција СДСМ и ДУИ.
-Судиите коишто во моментот се дел од Уставниот суд, се судии коишто без исклучок се избрани од мнозинството на Демократската унија за интеграција и СДСМ. Навистина не знам од каде впечатокот дека ние имаме влијание, или сме можеби семоќни и ги контролираме сите политички партии, што не е така, изјави Мицкоски.
Прашан зошто вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ не присуствувал на денешната меѓувладина седница, Мицкоски рече дека „не е присутен поради оправдани обврски“.
- Би сакал да кажам дека членот на Владата, Стоиљковиќ гореше од желба да биде денеска овде во Приштина, но, бидејќи ние ја поместивме владината седница требаше да биде во петокот, а денеска е понеделник и поради оправдани обврски не е денеска тука. Но, затоа заменикот министер, Неждет Мустафа денеска е тука и навистина имаше една прецизна јасна дискусија со неговиот хомолог од косовската Влада, изјави Мицкоски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа