Мицкоски: Идентитетот не е тавче - гравче - сменивме и знаме и име и јас би бил внимателен
Идентитетот не е само тавче – гравче. За три децении сменивме и знаме и име и јас би бил многу внимателен, рече премиерот Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање на прес конференцијата со еврокомесарката Марта Кос веднаш откако таа рече дека идентитетот никој не може да ни го одземе и дека македонската храна е дел од него
„Е, јас сум малку повнимателен, а, кога станува збор за идентитетот, секогаш. Да, тоа е така дека ние го носиме со нас, длабоко во нас. Но, морам да признам дека овие повеќе од три децении ние изгубивме голем дел од нашиот идентитет, менувајќи знаме, менувајќи име, неколку пати менувајќи Устав и во услови кога, кога немаме гаранција дека ова ќе биде последна идентитетска отстапка којашто ние треба да ја направиме.
Јас би бил многу, многу повнимателен бидејќи се водам од максимата не ги слушај што зборуваат, гледај ги што прават. А тоа што го направија и сè уште прават дел од пратениците во Европскиот парламент од нашиот источен сосед, нема никаква врска со европските вредности.
За мене мојот идентитет не е само прекрасната македонска кујна, туку и Гоце Делчев и Шапкарев и Миладиновци и Илинденското востание и Дамјан Груев и Јане Сандански и така натаму и така натаму.
Не знам дали ќе го споделат истото мислење колегите од Исток, но тоа се луѓето коишто се дел од нашиот идентитет, македонски идентитет.“
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа