Курти: Државниците во Северна Македонија изразија жалење и наскоро ќе има извештај за инцидентот на аеродромот

 

Косовскиот премиер, Аљбин Курти, вели дека претседателката Вјоса Османи доживеала непријатно искуство на скопскиот аеродром, особено оти била со семејството.

„Државниците на Северна Македонија изразија жалење за случајот. Ќе почекаме на официјалниот извештај и истрагата за да разбереме што точно се случило и да не ни се повторат никогаш вакви ситуации“, рече Курти.

При посетата во Скопје, одговарајќи на прашањата на новинарите, Курти истакна дека тој и премиерот Мицкоски, не можат во исто време да бидат премиери, цариници, полицајци и граничари.

Мицкоски пак, изјави дека секој функционер, па и тој, е подложен на процедури кога користи комерцијален лет. За инцидентот изрази жалење и истакна дека Османи е добредојдена во земјата и лично следниот пат ќе ја пречека на аеродромот и ќе ја придружува за да се избегнат инциденти, особено, како што рече, од поединци, кои се наш домашен проблем.

До инцидентот дојде во петокот додека претседателката на Косово, Вјоса Османи, поминувала гранична конторла пред нејзиниот лет на скопскиот аеродром.

Според информациите од македонското МВР, кога од неа било побарано да го остави телефонот и да помине низ скенер, едно лице од нејзиното обезбедување го оттргнало вработениот во ТАВ, со цел таа да помине без скениран телефон и рачен багаж. Но, потоа сепак багажот бил вратен и поминал низ скенер.

„По половина час, дошло лице од обезбедувањето на претседателот на Собранието Гаши (полициски службеник) со уште две лица (полициски службеници) и почнало да се заканува кон вработените во ТАВ и да бара кој и направил проблем на претседателката. Притоа турнало и полициски службеник вработен на граничниот премин“, велат од МВР.

Кабинетот на Вјоса Османи, пак, соопшти дека спротивно на меѓународните практики и Виенската конвенција за дипломатски односи, обезбедувањето на скопскиот аеродром се обидело да и го земе личниот телефон на претседателката, но таа не дозволила.

На тоа реагираше ТАВ Македонија, од каде објаснија дека Виенската конвенција за дипломатски односи ги ослободува од безбедносен преглед само официјалните гости на македонската Влада, а операторот на аеродромот добива официјално известување за таквите изземања од Министерството за внатрешни работи. Од тука категорично ги отфрлија наводите дека нивен вработен се обидел да го одземе телефонот на Вјоса Османи.

Гаши истакна дека неговото обезбедување стигнало на аеродромот за да ја смири ситуацијата.

05.08.2024 - 14:10

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега