Макрон, Мерц и Туск ја поддржаа претседателката на Молдавија во пресрет на изборите
Лидерите на Франција, Германија и Полска ѝ ветија на Молдавија поддршка и перспектива за приклучување кон Европската унија по повод нејзиниот Ден на независноста, во момент когvа проевропските сојузници на претседателката Маја Санду се соочуваат со тешки избори во септември.
Стоејќи до Санду денеска во нејзиниот кабинет од советската ера, Емануел Макрон, Фридрих Мерц и Доналд Туск ја пофалија отпорноста на Молдавија соочена со она што Кишињев и западните сојузници го нарекуваат кампања на мешање од Москва.
Молдавија, земја со мнозинско романско говорно подрачје со 2,5 милиони жители, сместена меѓу Романија и Украина, со децении беше сведок на смена на власти помеѓу прозападни и проруски политички групи. На денешен ден во 1991 година ја прогласи својата независност од Советскиот Сојуз.
Русија има стационирано сили во регионот со мнозинско руско говорно население, кој се отцепи од контролата на Кишињев во кратка војна на почетокот на 1990-тите. Молдавија поднесе барање за членство во Европската унија истовремено со Украина, само неколку дена по тоа што Русија ја започна целосната инвазија на Украина во 2022 година.
Молдавците на минатогодишниот референдум со тесно мнозинство гласаа за продолжување на интеграцијата во ЕУ. Но противниците на Маја Санду, кои се спротивставуваат на влезот во Унијата, претставуваат силен предизвик пред парламентарните избори на 28 септември.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа