Димитриеска-Кочоска: Растот на платите го надминува растот на цените – економијата се движи во позитивна насока
Инфлацијата е предизвик низ цела Европа, но растот на платите во Македонија надминува раст на цените што значи дека животниот стандард не е намален, кажа министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во Дневникот на ТВ Сител.
“Кај нас, само во изминатата година, имаме раст на просечната плата од 10,1%. Во исто време, инфлацијата во последниот месец изнесуваше 4,8%, што значи дека животниот стандард не е намален – напротив, растот на платите е повисок од растот на цените“ кажа Димитриеска-Кочоска.
Министерката објасни дека Владата работи на краткорочни мерки за ублажување на ефектите од инфлацијата, но главниот фокус е на долгорочни структурни реформи и инвестиции.
“Инфлацијата е сложен проблем и нема „магично стапче“ за решавање. На краток рок, можат да се применуваат мерки како замрзнување на цени или маржи, но на долг рок потребни се суштински реформи. Токму затоа постојано нагласувам дека е неопходно поголемо вложување во земјоделството. Најголем раст на цените бележиме кај овошјето и зеленчукот, а тоа е директна последица од недоволното производство и климатските услови. Базичната инфлација е таа што го создава најголемиот ценовен притисок, особено преку услугите во угостителството. Тоа пак е резултат на растот на просечната плата, па потребни се подетални анализи за да можеме да направиме најреални проекции на инфлацијата и врз основа на нив да донесеме соодветни одлуки за даночната политика. Важно е да се нагласи дека минималната плата порасна за 5,6%, а просечната за над 10%, додека инфлацијата е 4,8%. Тоа значи дека животниот стандард не е намален, напротив – за разлика од периодот кога опозицијата беше на власт. Ако се погледнат податоците, тогаш просечната и минималната плата пораснаа за околу 35%, но цените на храната се зголемија за 39%. Тоа јасно покажува дека во тој период стандардот на граѓаните беше нарушен, додека сега имаме подобрување“ појасни министерката.
За барањето на повисока минимална плата министерката потсети дека дека минималната плата пораснала за 5,6%, а просечната за над 10%, додека процесот на договарање на идната минимална плата се води во рамките на Социјално-економскиот совет, со поддршка од Владата.
“Таму треба да се договорат работодавачите и синдикатите, а Владата не се меша во тој процес. Сакам да појаснам зошто – затоа што едните ја исплаќаат платата, а другите ја примаат. Тие треба да најдат заедничко решение“ кажа министерката.
Во однос на јавниот долг и задолжувањата, министерката нагласи дека за следната година се планирани 950 милиони евра задолжување, при што најголемиот дел се за рефинансирање на стара еврообврзница, а остатокот за финансирање на буџетскиот дефицит. Таа подвлече дека економијата бележи позитивен раст, а инфраструктурните проекти се видлив доказ за реални инвестиции и стабилност на финансиската политика
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа