Ивон Величковски: Беше прашање на време кога Левица од „антички чегеваризам“ ќе дојде на своето: отворен путинизам

„Цицањето на ресурсите и државните пари од руската олигархија до толку ја има ослабено Русија водена од Путин де како Претседател де како Премиер, што тој и неговите „болјари“ беа принудени да ја применат царистичката доктрина на Романови: освојување нови територии надвор за потиснување на проблемите по дома. Децениското богатење на неговите олигарси при осиромашување на Русија и Русите го принуди Кремљ на разидување со најголемиот дел од светот низ агресијата во Украина“. Вака Ивон Величковски, политичар и аналитичар во интервју за Прес 24 ја дефинира руската стратешка цел поради која влезе во инвазија врз Украина и од тие причини смета дека „Неутралност околу Путиновата агресија врз Украина е подготвеност за откажување од својата слобода, валутен патриотизам и лажна интелектуалност. Русија изврши агресија врз Украина и го наруши суверенитетот на Украина“

-И дестабилизирањето на Европа не е извесна можност. Релациите во ЕУ и меѓу ЕУ, САД и Обединетото кралство зацврснаа, НАТО покажа едногласност. Произведениот ефект е: Путин го обедини слободарскиот свет во борбата против неговата агресија. Затоа, за решение не ќе може да се зборува се додека руски трупи газат водат дејства против украинските цивили и одбрана. Гледано целосно, ризикот од дестабилизација на Европа сега се враќа како бумеранг кон Путиновиот режим. Затоа, излезното решение за Русија не може да биде излезно решение за Путин. И не по цена на украинскиот суверенитет, вели Величковски во интервју за Прес224.

И покрај големата перцепција во јавноста за наконетост и поддршка на Путин меѓу граѓаните од Балканските држави, сепак тој смета дека не постои сериозна можност за големо руско влијание на овие простори.

-Русија разбра дека крајот на извозот на путинизам во Европа го најави Актот Магницки. Антените на Москва во регионот тоа го разбраа со Извршната наредба на Бајден. Со тие документи, борбата со корупцијата и узурпацијата на јавните финансии и институциите стана врвен приоритет на американската и сојузничката политика. И ги изведе на чистина носителите на малигните дејства на олигарсите на Путин и во Западниот Балкан и пошироко. А штом националните институции во Западниот Балкан не се под влијание на Кремљ дистрибуирано преку Белград, ризиците за Скопје, Подгорица, Приштина, Сараево, Тирана и самиот Белград се сведени на минимум. И до сега и од сега, вели Ивон Величковски во интервјуто.

-Беше само прашање на време кога Левица од „антички чегеваризам“ ќе дојде на своето: отворен путинизам. Оценка за ставот ќе дадат гласачите. Позначајно е прашањето дали, од кога, каква и чија службењачка, финансиска и медиумска поддршка имаа(т) за да се институционализираат и да пробаат да ги пореметат државните стратешки правци. Поддршка од противзаконски карактер низ малигните влијанија на Кремљ и противзаконско дејствување значи санкционирање и за тоа има државни органи. Се друго е легитимно. Она што е позначајно е што „старите“ партии минатиот месец ги потврдија оценките на неколкумина од нас вон сегашните партиски системи – дека во секоја од партиите (особено кај Македонците) има по една вистинска и по една лажна про-ЕУ и НАТО определена групација. По нападот врз Украина, ВМРО-ДПМНЕ нерешително и неволно ја осуди руската инвазија, со редица правдања и објаснувања на позициите на Мицкоски и Николовски. Недвосмислен и навремен став од таму дојде само од Милошоски. СДСМ, пак, преку Ковачевски и Петровска ја осуди агресијата и го предизвикаа омаловажувањето врз капацитетите на Армијата и Министерот за одбрана од традиционалната „јавност“ и „интелектуала“ на „Бихаќка“. Во партиите кај Албанците, колебањето го немаше во лидерствата (Ахмети, Села, Османи), туку во политичките групации за кои националниот предзнак сепак е второстепен пред религискиот. Декларацијата на Собранието за осуда на агресијата можеби ја одложи, но секако не ја избриша неминовната диференцијација на овие групации во партиите и политиката, вели Ивон Величковски во интервјуто за Прес24, анализирајќи ја македонската политичка сценаво поглед на руската војна во Украина.

ПРЕС 24: Воената агресија на Русија врз Украина веројатно е најголемиот тест за безбедноста на Светот по Втората светска војна. Иако очекувањата беа дека ова ќе трае кратко, сепак развојот на настаните покажуваат друг правец. Она што е важно е дали сепак овој конфликт може дапотрае со години и да биде извор на дестабилизација на цела Европа?

ВЕЛИЧКОВСКИ: Го минуваме најголемиот тест за безбедноста на Европа по Втората светска војна.Во светски рамки, најголемиот тест на светската безбедност е Кубанската криза, како опасност од директен судир на двете супер-сили, САД и тогашниот СССР.

Секој ден руска агресија врз Украина е предолго траење на судир со жртви и разурнувања на инфраструктура и економии. Инаку, не верувам дека воените дејства би траеле долго од следните  причини: Агресијата е јасно осудена во ОН, а изгледите за економска поддршка на воените дејства на Русија опаѓаат како што растат санкциите кон нивната економија. По губењето на меѓународната репутација, скршен е и митот за руската армија, а Русите стануваат заложници на своето водство. Самата закана за примена на неконвенционално оружје беше првото признание дека руската стратегија е поразена, а отпорот се засилува. Секоја војна зависи од човечки,  технички и економски ресурси. Сите три вида ресурси на Русија ќе се осетно се поограничени.

И дестабилизирањето на Европа не е извесна можност. Релациите во ЕУ и меѓу ЕУ, САД и Обединетото кралство зацврснаа, НАТО покажа едногласност. Произведениот ефект е: Путин го oслободарскиот свет во борбата против неговата агресија. Затоа, за решение не ќе може да се зборува се додека руски трупи газат водат дејства против украинските цивили и одбрана. Гледано целосно, ризикот од дестабилизација на Европа сега се враќа како бумеранг кон Путиновиот режим. Затоа, излезното решение за Русија не може да биде излезно решение за Путин. И не по цена на украинскиот суверенитет.

ПРЕС 24: Она што се погласно го заговара Москва е враќање на границите на НАТО пред 1997 година. Колку е тоа реално, колку е тоа обид за провокација на нов конфликт?

ВЕЛИЧКОВСКИ:За почеток, три факти. Прво, почетен акт на агресија на Русија врз Украина е анексијата на Крим 2014. Второ, според Кремљ Украина вон руско влијание е загроза за Русија, а членките на НАТО Естонија, Латвија и Летонија, чии граници се поблиску до Москва, не се?! Трето, БДП на огромната Русија е еднаков со БДП-то на „малите“ Холандија и Белгија. Тоа се слаби перформанси за таква економија и во регуларни, а не пак во воени услови.

Ова е доволна илустрација за да се сфати што е вистинската причина за постапките на Кремљ. Цицањето на ресурсите и државните пари од руската олигархија до толку ја има ослабено Русија водена од Путин де како Претседател де како Премиер, што тој и неговите „болјари“ беа принудени да ја применат царистичката доктрина на Романови: освојување нови територии надвор за потиснување на проблемите по дома. Децениското богатење на неговите олигарси при осиромашување на Русија и Русите го принуди Кремљ на разидување со најголемиот дел од светот низ агресијата во Украина.

Во услови кога руската економија и технологија заостанаа зад Кина, кога Трамп за малку ги одведе САД кон изолационизам, а ЕУ задрема во сопствената удобност, Путин процени дека може да се обиде да ја врати Русија како суперсила виз-а-ви Европа. А со Украина се покажа дека наскоро Русија ќе бара начин како да не спадне на ниво на континентална сила, можеби и преку дејства кон кавкаските републики. Сумирано, барањата на Русија за враќање на границите на НАТО од пред 1997 се само покритие на Кремљ за проблемите кои не му се предизвикани од САД, НАТО или ЕУ, туку од самиот Путин и неговите соработници. Конечно, НАТО не анектираше никого, сите ние сме во НАТО по сопствен, суверен избор.

ПРЕС 24: Како и да се гледаат состојбите, Балканот, особено Западниот Балкан е повторно пред сериозен безбедносне предизвик. Тука е Босна, Косово, но и Македонија и Црна Гора. Има ли опасност од прелевање на состојбата?

ВЕЛИЧКОВСКИ: Иманентна опасност – не, ризик – да. И тоа не поради Русија, туку поради „незавршениот мир“ од страна на ЕУ и САД. Толерирањето на Додик во Република Српска, фемкањето на петте ЕУ и НАТО членки околу признавањето на Косово, толерирањето на употребата на СПЦ како политичка партија во Црна Гора, двојните стандарди кон кадровските елити во Србија и во Македонија, некоординирањето на Берлинскиот процес и Отворениот Балкан... Tолеранцијата кон системската корупција во регионот со пари од Европа и САД го направија Западниот Балкан порозен за руски и воопшто источни влијанија. Борел и Вархеји сега, а Могерини и Хан претходно со своите постапки отворија простор што Русија тука сака да го користи.  Брисел и Вашингтон ќе ги минимизираат ризиците штом престанат да се потпираат на старите ребрендирани елити кои бегаат од функционален мир и национални економии со рʹбет различен од јавните буџети и тендери. Западниот и воопшто Балканот сепак се изворно ориентирани кон Европа и САД.

ПРЕС 24: Да не е ова премногу поедноставено гледање на нештата?

ВЕЛИЧКОВСКИ: Напротив, така се отвора комплексната трансформација на улогата на ЕУ, Обединетото Кралство и САД во регионот – од бирократски пасивна во институционално проактивна. Ризиците по регионот се намалуваат штом Брисел и Вашингтон поддржат уредување на Западниот Балкан низ уредување на односите меѓу државите, а не меѓу народите. Штом Србија се определи за извлекување од руското влијание, престанува политичкото делување на СПЦ во Црна Гора и се функционализира државата БиХ. Со признавањето на Косово од сите членки на ЕУ и интегрирање во НАТО се помага регионалната безбедносна архитектура, а со пресметката со системската корупција во Албанија и Македонија се заокружува стабилизацијата и просперитетот во регионот и тој се придвижува кон ЕУ.

Русија разбра дека крајот на извозот на путинизам во Европа го најави Актот Магницки. Антените на Москва во регионот тоа го разбраа со Извршната наредба на Бајден. Со тие документи, борбата со корупцијата и узурпацијата на јавните финансии и институциите стана врвен приоритет на американската и сојузничката политика. И ги изведе на чистина носителите на малигните дејства на олигарсите на Путин и во Западниот Балкан и пошироко. А штом националните институции во

Западниот Балкан не се под влијание на Кремљ дистрибуирано преку Белград, ризиците за Скопје, Подгорица, Приштина, Сараево, Тирана и самиот Белград се сведени на минимум. И до сега и од сега.

ПРЕС 24: На што се должи преголемата симпатија кон Путин кај Македонците?

ВЕЛИЧКОВСКИ: Штом нашите олигарси и службењаци со нивните медиуми, бизнисмени и политичари станаа „драги гости“ на западните дипломати во Скопје, блискоста ја искористија за одржување на системот на неказнивост и привилегии. Тоа се доживеа како откажување на Западот од поддршката на суштинските економски, правосудни и политички промени што ни требаа како поединци и држава.

При растечка корупција, опаднат стандард и дисфункционална држава – Западот ни стана дестинација од различни причини – за привилегираните за одмор, за останатите за гастрабајтерство. Сето тоа при исти политички ликови кои триесет години живееја од спорот со Грција, а сега би да нивните деца живеат од спорот со Бугарија. Бидејќи привилегираните останаа привилегирани, а онеправданите онеправдени, штом се опкружи со привилегираните – Западот си ги залепи „елитите“ и презирот од мнозинството врз себе. Во такви услови, контролираните и затворени медиуми пред Македонецот градеа имиџ на Путин како „пркосник кон Западот“ и како најблиска проекција до онаа носталгичната на „неврзаното југословенство“ и „средената“ држава – која крваво се распадна.

ПРЕС 24: Медиумите се причината за симпатијата кон Путин на Македонците?

ВЕЛИЧКОВСКИ: Зборувам за дваесетгодишен информативен меур во кој е обвиткан економски снеможениот, кредитно-заглавен и информативно распаметен Македонец, изложен на медиуми на евтини сапуници и здодевни дебати на исти дваесетина лика. Нему му се проектираше мит за „словенски спасител од декадентниот Запад“ низ Путин и путинизмот. Како што пред тоа му беше сервиран митот за Милошевиќ, а пред него за Тито. За формирањето на меурот медиумите се средство, а финансиско-политичките елити нарачатели.

А сега, кога тој митовите за Путин, панславизмот и југословенството се паднати, им преостануваат уште само анти-албанството и анти-бугарството. Но го потценуваат Македонецот. По Глигоров, Црвенковски, Фрчкоски, Груевски, Мијалков, Заев... научивме дека политичарите и медиумите во Македонија запаѓале во анти-албанство и анти-бугарство штом им биле загрозени личната власт и привилегии или власта и привилегиите на нивните спонзори во Дедиње и во Кремљ. Тие сакаа Македонците да не веруваат во својата способност да градат сопствена држава на рамноправни граѓани. Затоа не разбираат зошто од нив се откажа веќе и самиот Белград соочен дека нема игра на две столчиња.

ПРЕС 24: Кога ќе се погледнат социјалните медиуми се гледна една чудна состојба на македонски менталитет. Како е можно Македонија да има стратешко партнерство со Запад, а толкава голема антизападна реторика. Иако можеби разочарувањето од Запад е големо, но сепак веројатно не е пресудно за ова?

ВЕЛИЧКОВСКИ: Нека започне МВР да се занимава со говорот на омраза на социјалните мрежи и јавните собири. Нека паднат десетина пресуди по таа основа. Нека ги санкционираат заканувачите и ширителите на лажни вести. Нека побараат затворање на профилите на социјалните мрежи кои прво ширеа теории на заговор, па анти-ваксерство, па паника и сега отворен Путинизам и величање на агресијата во Украина. Нека се истражи и реши бот-фармата во Велес која се уште е активна на социјалните мрежи. Нека партиите и медиумите бидат санкционирани доколку не ги блокираат оние што шират говор на омраза на своите профили и страни. Со ова направено, веќе втората седмица ќе видите промена.

Зарем уште ќе се правиме слепи дека неколку илјади лажни профили на социјалните мрежи и дваесетина ликови кои традиционалните медиуми и портали ги шетаат од екран на екран наменски се проектирани да изигруваат „јавност“ за уредништвата зависни од еден центар? Штом медиумите се отворат за нови и свежи мислења и личности, ќе се врати и улогата и смислата на дебатата на медиумите, а штом се елиминира безименоста, ќе се врати пристојноста и аргументираноста на дебатата и на социјалните мрежи. Тогаш ќе може да зборуваме за вистинскиот македонски менталитет. Неказнивоста на говорот на омраза не е слобода на изразување. Штом правото и одговорноста одат рака под рака, инцидентите стануваат исклучок, а не правило на однесување.

ПРЕС 24: На македонската политичка сцена засега има една политичка партија која има тенденција на пораст на рејтингот, а која е отворено на страната на Русија во овој политичко- безбедносен судир во светот. Но, што е со големите партии, колку тие имаат своја автентична политика на тоа каде јасно се позиционираат во осов случај?

ВЕЛИЧКОВСКИ: Да зборуваме конкретно. Беше само прашање на време кога Левица од „антички чегеваризам“ ќе дојде на своето: отворен путинизам. Оценка за ставот ќе дадат гласачите. Позначајно е прашањето дали, од кога, каква и чија службењачка, финансиска и медиумска поддршка имаа(т) за да се институционализираат и да пробаат да ги пореметат државните стратешки правци. Поддршка од противзаконски карактер низ малигните влијанија на Кремљ и противзаконско дејствување значи санкционирање и за тоа има државни органи. Се друго е легитимно.

Она што е позначајно е што „старите“ партиите минатиот месец ги потврдија оценките на неколкумина од нас вон сегашните партиски системи – дека во секоја од партиите (особено кај Македонците) има по една вистинска и по една лажна про-ЕУ и НАТО определена групација. По нападот врз Украина, ВМРО-ДПМНЕ нерешително и неволно ја осуди руската инвазија, со редица правдања и објаснувања на позициите на Мицкоски и Николовски. Недвосмислен и навремен став од таму дојде само од Милошоски. СДСМ, пак, преку Ковачевски и Петровска ја осуди агресијата и го предизвикаа омаловажувањето врз капацитетите на Армијата и Министерот за одбрана од традиционалната „јавност“ и „интелектуала“ на „Бихаќка“. Во партиите кај Албанците, колебањето го немаше во лидерствата (Ахмети, Села, Османи), туку во политичките групации за кои националниот предзнак сепак е второстепен пред религискиот. Декларацијата на Собранието за осуда на агресијата можеби ја одложи, но секако не ја избриша неминовната диференцијација на овие групации во партиите и политиката.

Дополнително, гледајќи ги актерите, се покажа пред каков ризик сме биле кога Мицкоски, Николовски, Гаши, Таравари и Апасиев заговараа ново мнозинство. Оттука најпрецизна е констатацијата дека засега Владата се покажа поевропски и поевроатлански ориентирана од партиите во мнозинството и опозицијата. Пред очи ни се одвива лустрација потемелна од онаа што ја спречија пред десет години.

ПРЕС 24: Многумина велат дека исправна политика во оваа состојба е незаземање страна. Но, сепак како држава членка на НАТО, со јасна прозападна и проевропска ориентација, колку е исправно да се биде на две столици?

ВЕЛИЧКОВСКИ: Хахаха... Тие „многумина“ всушност се остатоците на заевизмот и груевизмот – малкумина добро распоредени во „јавноста“: бот-фармите, медиумите на Живаљевиќ и низ финансиите, партиите, Академијата и професурата, за проектирање на јавното мислење. Македонецот кој се гордее што „Денес над Македонија се раѓа ново сонце на слободата“ е солидарен со правото на слобода со Украинецот и е спротивставен на руската агресија. Само оној што лично и семејно стекнувал или е подготвен на привилегии низ сервилност кон агресор или автократ може да оправдува агресија и обид за инсталирање марионетска власт во Украина. Било да е Македонец или не, во Македонија или надвор. Неутралност околу Путиновата агресија врз Украина е подготвеност за откажување од својата слобода, валутен патриотизам и лажна интелектуалност. Русија изврши агресија врз Украина и го наруши суверенитетот на Украина.

ПРЕС 24: Иако предупредувањата се дека кризата во Украина мора да биде отрезнување за Брисел и сега да се најде модел како да се деблокираат македонските евроинтеграции, сепак по пораките и на Борел и на ЕУ надежите за почетоток на преговорие повторно се безнадежни. Што треба да се случи за да Софија го крене ветото?

ВЕЛИЧКОВСКИ: Потребни се три работи. Прво, одржување на пристапот на ЕУ и САД за уредување на односите на Балканот уредувајќи ги односите меѓу државите, а не меѓу народите или политичките гарнитури во двете земји. Поуката од братимењето на Борисов и Заев и тапкањето на договореното во место е доволна.

Второ, потребно е спроведување на Софискиот договор по слово и дух, а не по интерпретација и партиска потреба. Забележувам дека држењето на процесот во институционални рамки распаметува функционери и во опозицијата и бивши во Владата, како во Македонија, така и во Бугарија. Димитров и Шеќеринска во Скопје и Каракачанов и Захариева во Софија едно зборуваа од министерски позиции тогаш, а друго денес. Одземена им е можноста спорот да го користат по дневно-партиска и лична потреба. За нашиве системски младинци учени дека функција им следи со раѓање тоа е шок.

Трето, рационална временска рамка, а не лицитација со датуми. Расчистувањето во Западниот Балкан за кое зборував забрзува многу работи. Но особено ќе го деконтаминира медиумскиот, политичкиот и економско-финансискиот сектор од БиХ кон југ. Ниту ЕУ ќе биде отворена за Тројански коњи на Москва во себе, ниту Брисел ќе може да не ги расчисти олигархиските импланти на Кремљ во својата бирократија.

ПРЕС 24: Да заклучам дека сметате дека Ковачевски, Османи и Маричиќ добро го водат процесот?

ВЕЛИЧКОВСКИ: За билатералниот спор со Софија, главниот збор го имаат Ковачевски и Османи. Нивната комуникација со Петков и Генчовска оддава впечаток на конструктивност. Обидите на системската „интелектуала“, академика, „јавност“ да им наметнуваат „идентитетски“ теми надвор од текстот на Договорот правилно се проценети како штетни.

Ваквите интервенции, впрочем, претходно го проширија и спорот со Грција од спор за името во идентитетски и не држеа во позиција на Трета армиска област на ЈНА 30 години по самостојноста. Подобро „јавноста“ да „не не брани толку многу“.

ПРЕС 24: Значи дека и повиците за солидарност од Албанците во спорот со Софија ги гледате излишни?

ВЕЛИЧКОВСКИ: Солидарноста на Албанците со Македонците е неспорна. Во спорот со Атина уште со позиционирањето на тогашната ПДП на Абдурахман Алити. ДУИ при залезот на Груевски остана единствена линија на комуникација на Скопје со Атина. Истата солидарност е манифестирана и денес од (партиите на) Албанците кон Македонците во однос на Софискиот договор и евроинтеграциите.

Но потребна е уште една димензија на, да го позајмам терминот, „коректност“ на Албанците кон Македонците. Неа ДУИ ја интерпретираше како коректност во коалициите со Црвенковски, Груевски и Заев. Во име на таа коректност беа премолчани многу работи за кои ако се реагирало, ќе се спречеле многу последици денес. Така, коректноста кон партнерите – Македонци и премолчувањето на нивните грешки сепак не излезе коректно кон Македонците. Премолчувањето на слабостите (взаемно) генерира слабост. Истото важи и за потребната коректност на (партиите на) Македонците кон (партиите на) Албанците. Секако, за тоа е предуслов политиката на Скопје да се крои во Скопје. Тоа особено треба да го сфатиме ние Македонците.

ПРЕС 24: Ја очекува ли Македонија изборна есен оваа година?

ВЕЛИЧКОВСКИ: Тоа зависи од два фактори. Тековно низ Европа има само редовни избори. Нема европски политичар на власт или во опозиција кој својот личен рејтинг го става пред безбедноста, стабилноста и економијата на својата земја и европската. Вториот фактор е Ковачевски и перформансите на неговата влада.

Со навремена и темелна реконструкција на остатоците на Заев во Владата, веќе ослободен од Шеќеринска и Димитров, со освежувања во внатрешните работи, безбедноста, финансиите, политичкиот систем, интеграциите/надворешните работи, неговиот кабинет може да даде резултат во борбата со корупцијата, владеењето на правото, опоравок на економијата и отворање на преговорите со Брисел. Доколку реши да ги следи доктринашите и „јавноста“ на „Бихаќка“ и „Белата палата“, изборите ќе станат неизбежни.

ПРЕС 24: Значи сепак немате конкретна проценка?

ВЕЛИЧКОВСКИ: Дефакторизираната „јавност“, лишена од инструменти за проблематизирање на процесот со Софија, пронајде точка на дразба во промена на изборниот модел, иако сите во кулоарите признаваат дека никој тоа не го посакува. Мојот одговор до оваа „јавност“ би бил опфаќање на сите потребни системски доуредувања покрај изборниот модел – уште пар уставни измени кои лебдат во етерот со различен интензитет во различни периоди: за впишување на припадниците на бугарскиот (и хрватскиот и црногорскиот) народ во Македонија во Преамбулата и за избор на Претседателот на Републиката во Собранието со двотретинско мнозинство. Да го заокружиме системот на парламентарна демократија на рамноправни граѓани. Идеално е овластен предлагач на овие промени да биде Претседателот на Републиката, бидејќи сите, нели, тврдат дека „за клучните прашања “ имаме политичка свест и консензус.

Само се плашам дека штом ова се спроведе – многумина ќе бегаат од избори затоа што ќе мора да понудат политика, а не догма и борба против корупцијата, а не ортачење со олигархијата. И јавно по три пати да се откажуваат од нивните политички „татковци“.

 

28.03.2022 - 20:02

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега