Ѓорѓиевски: Има средства за сите општини кои ги исполнија критериумите, дополнителниот рок е за комплетирање на документацијата
Во гостувањето на Дневникот на МТВ, Претседателот на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски одговори и на прашањето дали и на кој начин како ЗЕЛС им помага на општините во продолжениот рок, бидејќи заради нецелосна документација не добија пари од Владата.
-По завршувањето на целата постапка, прво што направив беше тоа што се искоординирав со Претседателот на Владата, професор д-р Христијан Мицкоски, од кој беше повторно подадена рака и се остави дополнителен простор за да се надминат овие работи. Мојата цел и заложба е средствата да стигнат до секое населено место, до секоја општина, нешто што верувам дека ќе се случи. Веќе имаме продолжен рок за да можат се надминат техничките проблеми. Морам да истакнам дека со колегата Костадинов од Струмица не можев да стапам во контакт и за ова да разговараме, затоа што знаејќи ги критериумите, не знам од кои причини, аплицирал со проект за кој веќе е започната работа, односно започната е јавната постапка. Не разбирам која е причината што при јасно утврдени критериуми, колегата Костадинов свесно аплицирал со проект за кој веќе завршил тендерска постапка и за кој веќе има ставено камен темелник и веќе се работи проектот... Што се однесува до останатите, еве, колегата Нухи од Теарце, неговите служби можеби задоцниле со апликацијата, нам во Кисела Вода, на колегата Дарко од Бутел и колегата од Сарај ни недостасува документ за одобрение за градба и тоа се разбирливи работи. Има простор, ќе се надминат овие технички проблеми. Целта на Премиерот, но и она што го барав јас од него, беше да се остави простор за дополнување на техничката документација, зошто сите општини треба да добијат пари, тоа е нашата заложба. Важни се сите граѓани, од сите општини, и средствата треба секаде да стигнат. Сакам да апелираме до сите они е кои имаат вакви забелешки, да ја дополнат и достават документацијата. Средства има за сите, но добивањето на средствата треба да оди по јасно утврдени критериуми-истакна Претседателот на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски.
27.10.2024 - 10:28
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа