ЕУ се мачи со ниска продуктивност, стареење на населението и недостаток на работна сила

Фокусот на овогодинешниот циклус на Европскиот семестар ќе биде ставен на долгорочниот структурен проблем, слабата продуктивност, стареењето на населението и предизвиците поврзани со зелената и дигиталната транзиција, изјави во вторникот извршниот потпретседател на Комисијата Валдис Домбровскис.

„Ако не се справиме со овие проблеми, тие можат да го забават растот во годините што доаѓаат“, рече Домбровскис, претставувајќи го есенскиот пакет на Европскиот семестар.

Европската економија, која доживеа низа шокови во последниве години, покажа значителна издржливост, вели Домборвскис, но тој исто така истакнува дека геополитичките турбуленции, долготрајната руска војна против Украина и конфликтот што сега беснее на Блискиот исток додаваат многу на неизвесност.

Европската комисија во вторник во Стразбур го претстави есенскиот пакет на Европскиот семестар со кој започнува годишниот циклус на координација на економскиот менаџмент во ЕУ.

Пакетот вклучува низа документи: Годишно истражување за раст, кое на владите-членки на ЕУ им обезбедува насоки за политиките за следната година, Извештај за механизмот за предупредување, кој укажува на можни економски нерамнотежи во земјите-членки и ја активира годишната процедура за макроекономска нерамнотежа, Заеднички извештај за вработување, Препораки за еврозоната и мислење за нацрт буџетските планови за земјите од еврозоната.

Во овогодинешниот Европски семестар, Комисијата во преден план го става решението на споменатите предизвици за да се искористи конкурентниот потенцијал на секоја од земјите-членки. Ова вклучува, меѓу другото, отстранување на тесните грла за приватни и јавни инвестиции, поддршка на овозможувачко деловно опкружување и развивање на вештините потребни за зелена и дигитална транзиција.

Домобровскис истакнува дека е особено загрижен поради недостигот на квалификувана работна сила.

„Над две третини од работодавците не можат да го најдат потребниот талент, особено во здравството, ИКТ и зелените сектори“, вели Домбровскис.

Комесарот за економија Паоло Џентилони ја нагласува важноста на инвестициите во зелената и дигиталната транзиција.

„Претходно проценивме дека е неопходно да се обезбедат 650 милијарди евра годишно дополнителни инвестиции до 2030 година во зелената и дигиталната транзиција“, рече Џентилони.

Тој додаде дека, исто така, е неопходно да се забрза имплементацијата на националните планови за закрепнување и отпорност, да се отстранат пречките за развој на приватниот капитал, да се осигура дека државните субвенции не ги нарушуваат еднаквите услови на единствениот пазар.

21.11.2023 - 23:41

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега