Грозданов: Политичарите да разберат дека Македонија има скапоцени метални суровини, додека „еколошките активисти“ плашат народ со невистини


Аналитичарот и металуршки инженер Виктор Грозданов ја поздрави идејата на граѓанската иницијатива „И здравје и работа“ дека ако Македонија заврши на меѓународна арбитража со астрономски отштети за концесијата за Иловица, тогаш, како што пишува, лажните еко активисти треба да добијат кривични пријави за носење на татковината во економски подредена положба со тешки последици по даночните обврзници. Во колумната насловена „Патолошки еколошки „лажови“, тој додава дека жителите на струмичката котлина ќе треба да поднесат и граѓански тужби за отштета за ставање во заблуда со ширење тешки небулози за закани по здравјето и животната средина.

-Воопшто не е случајно што на нивната јавна трибина, организирана среде кампања во Струмица, со медиумска поддршка на една ТВ станица која емитува програма низ цела држава, каде повторно истите глумци беседеа колку рудникот е штетен, но имаше незначително присуство на жители од Струмичката котлина. Ова е индикатор дека се прочитани нивните намери и дека луѓето не наседнуваат повеќе на нивните трикови. Жителите бараат соочување на аргументите и да чујат од концесионерите како планираат да  го изградат рудникот и со кои технологии ќе го експлоатираат бакарот. Да се развијат механизми за постојан граѓански и институционален надзор дека тоа што го зборува концесионерот навистина и ќе го спроведе теренски. Затоа, ќе мора повторно за пример да ја користам Норвешка кој ќе ги разобличи сите „Патолошки Еколошки Лажови“, истакнува инженерот.

Грозданов, користејќи стручна терминологија, во колумната објаснува како функционираат модерните општества со највисоки стандарди за заштита на животната средина, осврнувајќи се на примери од Норвешка.

-Дали некогаш сте чуле за дифосфорпентаоксид со хемиска формула P2O5 кој е моќен десикант и дехидрирачки агенс? За оваа моќна формула главен причинител е фосфорот. Токму овој хемиски елемент е под знак прашање, тргнувајќи од научните сознанија дека неговата прекумерна употреба е закана за глобалното производство на храна. Неговата употреба е значителна во земјоделието (првенствено житото) и брзата исхрана. Со прекумерна употреба се добива болест посебно преку фосфатните ѓубрива исфрлени од полињата, канализацијата, езерата, реките и морињата и предизвикува широкороспространето цветање на алгите што предизвикува создавање таканаречени мртви зони за рибниот фонд. Но тоа не е проблем. Туку терминот „фосфогедон“ смртоносен недостаток на фосфор за ѓубрива кои се користат во земјоделието. Патем од прекумерно користење на овој елемент доаѓаме до климатска криза поради големите емисии на јаглерод диоксид. Но сите стручни лица како Пени Џонс или пак Фил Хејгарт од универзитетите „Бристол“ и „Ланкастер“ заклучуваат дека овој елемент е многу важен и неопходен за животот на планетата Земја, пишува Грозданов.

Тој потенцира дека секоја година низ целиот свет се продаваат 50 милиони тони фосфатни ѓубрива, а најголеми наоѓалишта до пред две години биле Мароко и западна Сахара, па Кина и Алжир и останати со вкупни светски количини од 71 милијарди тони.

-Поради оваа распространетост Европската комисија одлучува дека фосфорот не се смета за стратешка туку критична суровина. И наеднаш на југот од Норвешка е откриен рудник со 70 милијарди тони фосфорни ѓубрива (колку сите до сега светски произведувачи). Сега Европа доби џиновски склад од овој важен материјал која може да ја штити нејзината индустрија во наредните сто години. Норвешката рударска компанија ги отвара своите капацитети за заштита на животната средина посебно во делот на јаглероддиоксид и негов еколошки третман со само една и единствена причина: „Европското стопанство дефинитивно ќе биде помалку ранливо и ќе може да конкурира и да демонстрира независност од кинескиот продор со фосфорни ѓубрива на светско ниво. Зборуваме за милијарди евра, потенцира аналитичарот.

Според Грозданов, дел од домашните екологисти од незнаење шират тези дека земјоделските производи ќе се загадат заради рудникот Иловица.

-Ќе објавам документ за Кралството Шпанија, кој наведува факти дека нивната обработлива земјоделска површина ќе прерасне во пустина налик Сахара благодарение на прекумерна и несоодветна земјоделска обработка, за да им докажам дека и земјоделието може да биде штетно ако не се земат предвид и применуваат модерните технологии и научни сознанија. Но што е важно за Македонија и за нејзините граѓани да знаат? Во еколошки активисти се активирани правници, археолози, глумци, новинари, политичари итн. Сите кои умеат да плашат народ со невистини. А народот од што најмногу се плаши? Од непознатото и тоа врзано со наратив дека државата не функционира. Кој може да ја остварува ако твоето дете не е дома (се иселило во западните земји во потрага по подобар животен стандард), не ја работи сопствената нива, нема перспектива од аспект на откуп на земјоделски производ, еве како што е на пример зелката. Во Струмичката котлина 88 проценти од зелката се произведува на ниво на Македонија ама се продава за 6 до 8 денари по килограм, која на крајот постигнува цена кон земјоделцот од 5 денари. Ама во Украина се продава за 1.95 евра. Ги лажат земјоделците дека нема пласман, а камионите врват и товарат. Е ова е пустата земјоделска вистина, пишува Грозданов.

Тој најави дека во наредните колумни ќе образложи како функционираат „Анти-Нато структурите“ во Македонија, од, како што додава, демократски и политички причини.

-Ги повикувам сите политичари да разберат дека Македонија има стратешки скапоцени металични суровини и со нив сме една од ретките земји кои можат да одговорат на потребите на индустриите за кои се потребни, заклучува Грозданов.

02.05.2024 - 17:14

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега