Стојаноска: Народот на ДУИ и СДС им порачува дека им е преку глава од нивниот криминал
На Стево и на Таче им се случи народ. Им се случи казна за нивната неработа и за нивното молчење пред криминалите на Али и Артан Груби. Затоа, од срце му честитам на Тетово за победата на 24 април и сум убедена дека на 8 мај ќе се случи уште повеќе народ и уште поголема победа за ВМРО-ДПМНЕ за коалицијата Твоја Македонија и за професорката Гордана Силјановска Давкова, изјави носителката од ВМРО-ДПМНЕ во изборната единица шест, Дафина Стојаноска на митингот во Тетово.
Таа истакна дека СДС и ДУИ 7 години наназад имаа слух само за себе и за своите, никогаш не го слушаа народот.
– Народот ви порачува дека сте му дојдени преку глава. Дека не може да ве трпи. Дека излезе да ве казни. Дека уште повеќе ќе ве казни. Дека заслужувате бетер. Дека ќе ви наплати за сите украдени пари, за сите иселени деца, за сите измалтретирани пензионери, за сите нерасчистени криминали, за сите недолжни жртви заради вашата негрижа и неодговорност, рече Стојаноска.
Стојаноска посочи дека додека ВМРО-ДПМНЕ жестоко критикуваше и предупредуваше за криминалите на ДУИ, додека Ковачевски се задоволуваше со некое ситно процентче што ќе му го доделеше Артан Груби, а народот плачеше и трпеливо го чекаше овој момент.
– Ќе ги казни народот на Македонија за сите солзи, за сите гладни и опљачкани, за сите потценети и навредени од нивната ароганција и алчност. Ќе ги казни, за сите буквално избркани од родните огништа, затоа што избегаа што подалеку од Али-Таче-Артан холдингот, затоа што им ги срушија темелите на домовите и на државата, ама им ги срушија и соништата. Илјадници млади деца се иселија, ама илјадници и милиони се испокрадоа, потенцираше Стојаноска.
Стојаноска нагласи дека време е за последниот и најсилен удар за ДУИ и СДС и ги повика тетовчани на обединување на 8 мај.
– На 8 ми мај народот доаѓа по своето. На 8 мај нема уценети и поткупени. Никој повеќе не им се плаши, ниту ги сака нивните гнасни пари. Нема повеќе сила, ниту пара, која ќе го сокрие криминалот на ДУИ и СДСМ. Време е за слобода и правда. Време е за нов претседател на Република Македонија и за нова влада, изјави Стојаноска.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа