Нетанјаху: Ако Евреите не се заштитат самите, никој нема да ги заштити

Евреите мора да бидат способни да се „одбранат“ бидејќи никој нема да ги заштити, изјави денеска израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, додека се повеќе се креваат гласови против војната што Израел ја води во Појасот Газа.

„Ако треба да се браниме, ќе се браниме. Ако е можно да се мобилизираат „оние што не се Евреи“, тоа е добро. Но, ако не се заштитиме, никој нема да го направи тоа“, рече Нетанјаху.

Премиерот ова го изјави на приемот на преживеаните од нацистичкиот геноцид кои во недела ќе учествуваат на церемонијата на Денот на сеќавањето на Холокаустот во меморијалниот центар Јад Вашем.

Разорната војна што Израел ја започна во Појасот Газа како одмазда за нападот на палестинското движење Хамас на 7 октомври во Израел предизвикува зголемени критики ширум светот.

Осврнувајќи се на студентското движење во знак на солидарност со Палестинците во градовите на американските колеџи, Нетанјаху рече дека ги осудува „страшните демонстрации на антисемитските орди кои повикуваат на уништување на Израел и ги напаѓаат еврејските студенти и професори“.

Нетанјаху, исто така, се соочува со отворено меѓународно противење на неговата намера да започне голема офанзива врз градот Рафах, во јужниот дел на Појасот Газа.

Тоа е засолниште за еден и пол милион Палестинци, од кои огромното мнозинство се раселени поради војната, додека израелските власти сметаат дека градот е последното упориште на борците на Хамас.

02.05.2024 - 21:39

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега