ДЗР: Констатирани недостатоци и системски слабости во работата на Општина Росоман

Системски слабости и повеќе недостатоци во општина Росоман констатирал Државниот завод за ревизија.

Не била утврдена старосна структура за побарувањата по основ на данок на имот од физички и правни лица и комунална такса за назив на деловна просторија, законската можност за нивна наплата, како и дека не се преземаат активности за присилна наплата и не се пресметува и наплатува камата за данокот кој не е платен во пропишаниот рок.

-Не е извршено ажурирање на пазарната вредност на недвижниот имот, одлуката за критериумите за утврдување на пазарната вредност на недвижен имот (земјоделско и градежно земјиште) не е усогласена со Методологијата за процена на пазарна вредност на недвижен имот во однос на начинот на пресметување на пазарната вредност земјиштето, констатира Државната ревизија во Извештајот објавен утринава.

Општина Росоман не остварува приходи од надоместок за одржување на јавната чистота. Општинскиот совет не донел годишна програма за одржување на јавната чистота. Во извештајот се вели и дека нематеријалните средства и дел од недвижниот имот не се сметководствено евидентирани, а констатирани се и неправилности при донесувањето и реализацијата на Програмата за изградба, реконструкција, одржување и заштита на локалните патишта и Програма за уредување на градежно земјиште за 2022 година.

При ревизијата на Општината утврдени се и недостатоци во однос на роковите за реализација и обезбедување на документација за отпочнување со градба, отсуство на извештај за технички прием и примопредавање на градбите помеѓу инвеститорот и изведувачот.

Државниот завод за ревизија констатира и системски слабости, меѓу кои дека не е пропишано во кои рокови правните лица овластени за регистрација на возилата треба да ја уплатат комуналната такса за користење на патишта со моторни возила на сметка на општината, како и оти не е пропишана обврска на трговското друштво надлежно за дистрибуција на електрична енергија кое врши наплата на таксата за користење и одржување јавно осветлување од имателите на броила да ги известува општините за бројот на обврзници по категории (број на броила) согласно тарифниот број, како и за наплатените приходи и ненаплатени побарувања по овој основ. ДЗР утврдил и дека состојбата на регистарот на недвижности не е усогласена со регистарот кој го води Агенцијата за катастар на недвижности на Република Македонија.

01.07.2024 - 10:35

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега