Битиќи: Историски ден, Северна Македонија доби сопствена берза која ќе овозможи транспарентно тргување со електрична енергија
Заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, се обрати на настанот организиран од Националниот оператор на пазар на електрична енергија-МЕМО, по повод почеток со работа на македонскиот организиран пазар на електрична енергија, пазар ден-однапред.
Во неговото обраќање, вицепремиерот Битиќи рече дека почетокот со работа на македонскиот организиран пазар на електрична енергија е историски момент за нашата земја, за нашата енергетика и за нашата економија бидејќи со ова, нашата земја се придружува на еден високо конкурентен и динамичен европски пазар на електрична енергија, кој понатаму ќе ни овозможи поврзување на домашниот пазар на електрична енергија со пазарите од соседството и исполнување на нашите енергетски потреби на најефикасен начин.
„Берзата на електрична енергија ќе овозможи конкурентен пазар на кој транспарентно, недискриминаторски и ефикасно ќе се тргува со електричната енергија односно размена на понудата и побарувачката на електрична енергија во земјата. Со активно купување и продавање на електричната енергија на пазарот ден однапред конечно ќе се добие референтна цена на електричната енергија на пазарот на големо во Северна Македонија. Оваа берза, со која ќе раководи Националниот оператор на пазарот на електрична енергија МЕМО, ќе овозможи поголема транспарентност, конкурентност и ефикасност при тргувањето со електрична енергија на пазарот на големо. Исто така, сите наши компании и нашите инвеститори добиваат можност за транспарентно и недискриминирачко тргување со електрична енергија“, рече Битиќи.
Вицепремиерот Битиќи изјави дека македонската берза на електрична енергија, не е важна само за нашата земја, туку и за целиот регион, бидејќи затвара еден голем циклус на либерализацијата на пазарот на електрична енергија, согласно ПАН Европскиот модел на пазари на електрична енергија.
„Се надевам дека Северна Македонија ќе ја искористи својата географска положба и добрата интерконекциска поврзаност со соседите за што е можно поскоро регионално поврзување со пазарите на електрична енергија од ЕУ и регионот на Западен Балкан, кое ќе донесе ликвидност на берзата на електрична енергија, поголеми текови на електрична енергија и конкурентна цена на електричната енергија на либерализираниот пазар. Сепак, морам да истакнам дека отворањето на берзата на електрична енергија не е крајната цел. Тоа е само еден од многуте чекори кои ги преземаме при создавањето на современ енергетски пазар во нашата земја“, рече Битиќи и подвлече дека ова отвора многу нови можности за развој и просперитет на нашата земја и привлекување на нови инвеститори во производствени капацитети од обновливи извори на енергија како што се сонцето, ветрот итн.
„Сето ова допринесува за создавање на уште подобри улови за потенцијалните странски инвеститори во Северна Македонија во делот на производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија, како и поголема стабилност на енергетскиот систем во државата. Исто така тргувањето на пазарот ден однапред ќе овозможи оптимизација на своите портфолија кај производителите, и полесна адаптација на својата работа на големите потрошувачки капацитети на електрична енергија“, рече Битиќи.
Заменик-претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, во своето обраќање рече дека со реализација на овој проект, Северна Македонија потврдува дека останува посветена и посветено чекори кон економски раст на државата, воведување на конкурентни недискриминирачки пазари и со макотрпна работа при транспонирање на европското законодавство и практики докажува дека чекори кон големото Европско семејство.
„Денес, се гордееме што можеме да кажеме дека Северна Македонија има сопствена берза на електрична енергија, која ќе има значајно економско и енергетско влијание во регионот, и е подготвена за регионално поврзување на пазарите на електрична енергија водејќи се од ПАН Европскиот модел на пазар на електрична енергија“, рече Битиќи.
На настанот беше прочитано и писмото на претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, во кое меѓу другото се вели дека „Работата на оваа берза, значи сигурност за производството на струја, сигурност за болниците, за училиштата, за сите институции, коишто набавуваат енергија на либерализираниот пазар – односно стабилно снабдување со струја и можност за ефикасна набавка на достапни количини на струја. За компаниите и за инвеститорите, значи можност за транспарентно и недискриминирачко тргување со електрична енергија. За државата и за граѓаните, почетокот со работа на берзата, значи можност за нови странски инвеститори, коишто ги мотивираме да инвестираат во обновливи извори на енергија во земјава“.
Управителот на Националниот оператор на пазар на електрична енергија, МЕМО, Симон Шутиноски во неговото обраќање рече денеска во 10:35 часот за првпат во Република Северна Македонија се затвори портата за тргување на македонската берза на електрична енергија, со што се означи почетокот на функционирањето на организираниот пазар, пазарот ден – однапред во нашата земја.
„Патот на воспоставување на организираниот пазар на електрична енергија не беше лесен, напротив исполнет со препреки и предизвици, на кои јас и моите колеги од МЕМО не подлегнавме, туку напротив бевме повеќе мотивирани да успееме во доближувањето на Северна Македонија до големото Европско семејство“.
Заменик-Амбасадорот на САД во Северна Македонија, Ерик Мајер ја поздрави работата на организираниот пазар на електрична енергија, која ќе донесе многу придобивки, како што се ефикасно одредување на цената преку еден транспарентен начин и доверливи податоци за инвеститорите, и дека ќе претставува поддршка за обидите на Северна Македонија за декарбонизација.
10.05.2023 - 16:17
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа