Бесими: Ќе бидеме прва држава во светот што ќе ги индексира платите во јавниот сектор со просечната бруто плата

 

Министерот за финансии Фатмир Бесими смета дека барањата на синдикатите се легитимни зашто тие се борат за одржување на животниот стандард пред инфлацијата. На секоја средба со нив, рече вечерва, има атмосфера и волја да се дојде до решение, но тоа, напомена, мора да биде здраво, системско и одржливо.

Според Бесими, Македонија ќе биде прва држава во светот што ќе ги индексира платите во јавниот сектор со просечната бруто плата.

-Има неколку работи испреплетени со кризата, посебно кога зборуваме за инфлацијата – таа е феномен кој носи многу предизвици, а друг момент е и спиралата. Тука барањата на синдикатите се легитимни, зашто тие се борат за одржување на животниот стандрад пред инфлацијата. И ние за тоа се залагаме, но разговараме со нив за чекор понатаму. Разговорите се во тек, не можеме сите аспекти во детали да ги објавиме, зашто не се целосно усогласени, но генерално, начелно сме согласни и ќе бидеме прва држава во светот што ќе ги индексира платите во јавниот сектор со просечната бруто плата. Има примери со инфлација и со минимална плата, а со просечна бруто плата што е во интерес на вработените можеби ќе бидеме први што користиме ваков модел. Еден предлог е дека март 2025 целосно ќе биде, но очекуваме процесот да се заокружи, истакна министерот во интервју за ТВ Сител.

На прашањето дали утре од состанокот на Економскиот-социјален совет очекува некаков договор, тој одговорите дека се работи секој ден и на секоја средба за да се доближат позициите.

-Морам во оваа фаза да кажам дека иако во разни моменти имаме различни ставови или погледи за одредени прашања, има атмосфера и волја од сите страни да дојдеме до решение. Презентираме различни позиции, но битно е во период на инфлација, кога се бориме да ја сузбиеме од сите аспекти, и динамиката на раст на платите да може да помогне во тој процес зашто тоа што ќе биде резултат е – колку реално ќе расте платата. Инаку, и административците се граѓани кои бараат јавни услуги. Тука и претставниците на синдикатите се свесни, сите сакаме да постигнеме ефикасна админситрација, но треба да се прави баланс – колку расте реалната економија кај нас, колку расте конкурентноста во стопанството и колку тоа може да го придвижи растот, ако стопанството или економијата не расте, може да разговараме цел ден колку ќе биде платата во однос на просечната плата, но ако платата не расте, колку и да ставиш коефициент, ќе стагнира. Ни треба ефикасна, професионална админситрација која ќе биде поддршка на стопанството, покрај другите развојни фактори, за тоа да се раздвижи и да расте побрзо. Тоа се врзани садови и во тој дел, ако поставиме здрав систем, здраво системско решение, ќе направиме основа за во иднина, децениски, да имаме етаблиран систем кој ќе донесе и поквалитетен јавен сектор, потенцира Бесими.

Во врска со барањата на вработените од УЈП да имаат 30 отсто повисоки плати, Бесими очекува дека ќе се најде решение.

-Тоа е  во однос на новиот закон кај нив и спецификите зашто генерално, и инспекциските и безбедносните служби во УЈП, во Царинската управа, финансиските служби, имаат друг систем на вреднување или оценување на бодови. Сега со синикдатите решаваме динамика на плати општо во јавниот сектор каде на крај и тие ќе бидат вклучени. И таму се водат разговори со посредник, медијатор, мислам дека ќе стигнеме до некое разбирливо решение, да имаме квалитетна админситрација и јавен сектор за граѓаните и стопанството, рече министерот за финансии во телевизиското гостување.  

04.07.2023 - 21:18

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега