Бектеши уверува: Решен проблемот во Слупчане - сите граѓани мора да плаќаат за потрошената електрична енергија
Проблемот со снабдување со електрична енергија во селото Слупчане денеска ќе биде решен. Сите граѓани мора да плаќаат за потрошената електрична енергија, а Министерството за економија ќе помогне во секоја ситуација каде што има потреба, согласно надлежностите кои ги имаме, кажа во изјава за медиумите министерот за економија, Крешник Бектеши откако поради неовластено користење на струјата од страна на мештаните настана дефект на преносната мрежа на електрична енергија во неколку села во Липковскко.
“Министерството за економија согласно надлежностите кои произлегуваат од Законот за енергетика и подзаконските акти креира клима се со цел да се намалат загубите на електрична енергија во делот на пренос и дистрибуција и во делот на кражбите кои ги има. Јас лично сум вклучен во овој процес и сакам да им порачам на сите граѓани дека електрична енергија мора да се плаќа насекаде. Како што беше и случајот со Арачиново и со други населени места, секој граѓанин треба да плати за потрошената струја, така функционира и пазарна економија и регулирана економија, бидејќи цената на струјата на електричната енергија е регулирана во нашата земја. Целосно сме посветени загубите да бидат минимални. Од минатата година до сега, со поддршка и на Министерство за економија и другите институции загубите се значително намалени. ЕВН имаат право согласно регулативата да постапат во овие случаи како што има земено обврска да работат на надградба на мрежата се со цел подобрување на услугите кои ги даваат на сите граѓани“ кажа министерот Бектеши.
Министерот потенцираше дека разговарал со градоначалникот на општина Липково, Еркан Арифи за тоа дека ситуацијата во Слупчане ќе биде решена и екипите на Електродистрибуција ќе може непречено да работат на отстранување на дефектите и надградба на дистрибутивната мрежа.
И градоначалникот Арифи на одржан брифинг со новинарите истакна дека разговарал со граѓаните и тврди дека проблемот ќе биде решен.
Преходно денеска, ЕВН информираше дека дефектот во Слупчане ќе се санира за скоро време, по добиените гаранции од страна на министерот за економија, кој заедно со градоначалникот на Липково се договорил со жителите да не ги спречуваат екипите на електродистрибуција да работат и да започнат со проектот за реконструкција на мрежа и поставување нови мерни системи кои ќе овозможат точно мерење на електрична енергија.
За потсетување, во вчерашните доцни часови, лица од Слупчане насилно и противзаконски отвориле голем енергетски објект во припадност на електродистрибуција во обид сами да го вратат напојувањето со електрична енергија во селото, при што ги оставија жителите на соседните села, Оризаре, Ваксинце и Лојане без електрична енергија.
Од компанијата кажаа дека ќе го санираат дефектот кога ќе има гаранции да се влезе во селото.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа