Бектеши: УЈП и Финансиска ги информиравме уште во март за сите злоупотреби со електричната енергија - време е да преземат мерки и да казнуваат
Уште во март како Влада и Министерство за економија заедно со Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) ги информиравме Управата за јавни приходи (УЈП) и Финансиската полиција за злоупотребите што ги прават институциите и компаниите кои се префрлаат од отворен на регулиран пазар на електрична енергија, посочи денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
-Очекувам и двете институции да постапат согласно законите, а за да не оставиме да направат дополнителна штета веќе е донесена одлука од страна на Владата со која му е дадена обврска на универзалниот снабдувач ЕВН хоум од 1 декември да ги исклучи од регулираниот пазар и веднаш да ги префрли на отворен пазар сите кои го прекршиле Законот за енергетика и бесправно се префрлиле од отворен на регулиран пазар на електрична енергија, изјави Бектеши во одговор на новинарско прашање на денешната средба со новинарите.
Тој посочи дека станува збор за стотина субјекти, приватни компании и јавни комунални претпријатија, кои се префрлите од отворен на регулиран пазар.
-Во Законот за енергетика не е децидно наведено дека подружница отворена од компанија не може да ја преземе одговорноста во делот на плаќање на фактури за електрична енергија, но во делот на плаќање на ДДВ мислам дека има злоупотреба и за тоа се одговорни УЈП и Финансиската полиција. Тие треба да направат соодветни контроли заради тоа што во делот на регулираниот пазар има стапка на ДДВ од 5 отсто, а на отворениот пазар од 18 отсто, рече Бектеши и додаде дека токму по тој основ треба да се направат контролите и да се изречат соодветни мерки.
Делот во разликата на ДДВ, како што кажа, негативно ќе влијае во пресметките што ги прави РКЕ за одредување на цената на електричната енергија по 1 јануари на регулираниот пазар, а со тоа и на сметките што ги плаќаат граѓаните.
Преминувањето од слободениот на регулираниот пазар, како што посочи Бектеши, почнало првично од страна на општините, а потоа тоа го направиле и одредени компании.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа