ЗЕЛС: Општините да поднесат приговор до ЕВН во врска со снабдувањето се струја на либералниот пазар

 

Управниот одбор на ЗЕЛС денеска донел заклучок сите општини кои добиле допис од ЕВН во кој се бара потрошувачите кои до 1 јануари 2022 година не биле мали потрошувачи, а потоа со реализирана промена на корисник се стекнале со таков статус, најдоцна  до 1 јануари 2023 година да почнат да се снабдуваат со снабдувач со електрична енергија на либерален пазар, да поднесат приговор до оваа компанија.

Дописот од ЕВН што бил испратен до општините е поврзан со Одлуката на Владата на РСМ  за преземање на мерка во услови на постоење на кризна состојба во снабдувањето со електричната енергија.

За ова денеска расправал Управниот одбор на ЗЕЛС на седница на која се дискутирало за предизвиците од енергетската криза. На седницата биле повикани и високи претставници од EVN group.

-Членовите на Управниот одбор посочија дека општините во оваа енергетска криза се доведуваат до работ на егзистенцијата и дека средствата наместо за проекти и подобрување на услугите за граѓаните треба да ги трошат за плаќање на огромни суми  за електрична енергија. Исто така, беше посочено  дека општините и доколку би сакале да ја реализираат оваа мерка би се соочиле со обемни тендерски постапки и претходно спроведување на ребаланс на буџетoт е што  и во идеални  услови  за  реализација би биле потребни најмалку три до четири месеци, се вели во соопштението од ЗЕЛС. По обемната дискусија Управниот одбор донесе заклучок сите општини кои добија ваков допис од ЕВН треба да поднесат приговор до оваа институција, се вели во соопштението од ЗЕЛС.

Од ЗЕЛС потсетуваат дека како заедница во името на сите општини, на 11 ноември 2022 година доставила иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за преземање на мерки во услови на постоење на кризна состојба во снабдување со електрична енергија, што Владата на РСМ ја донесе на 30 октомври, 2022 година. Истовремено, додаваат, ЗЕЛС достави и барање до Управниот суд, за донесување на времена мерка, со која ќе се бара одложување на  извршувањето на Одлуката.  Но досега не е стигнат никаков одговор од овие институции.

Од ЗЕЛС појаснуваат дека се работи за проблемот поврзан со јавното (улично) осветлување кое како обврска го имаат општините, а за што прибираат средства од комуналната такса за јавно осветлување.

-Со последните измени на тарифникот за електрична енергија донесен од Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги не постои тарифа за јавно осветлување. Во Законот за комунални такси, во членот 20, за тарифен број 10 јасно е утврдено кој е износот што секое домаќинство или приватна компанија треба да го плаќа на име на јавно осветлување. Бидејќи нема тарифа, за тоа ЕВН во моментов наплаќа по непостоечка цена, а општините се обврзани да плаќаат многукратно поголеми сметки бидејќи не постои тарифен број за улично осветлување, се додава во соопштението од ЗЕЛС.

Ова прашање од ЗЕЛС го покренале пред Министерството за финансии, но, како што нагласуваат оттаму, и после четири месеци од првичната средба одговор од нив нема, како и оти се чека одговор и од Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги.

07.12.2022 - 17:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега