Заедничка визија за регионот: Мицкоски и Вучевиќ со желба за подобра иднина и зацврстување на врските
„Денес, тука во Скопје имавме значајна и искрена средба со премиерот на Република Србија, господинот Милош Вучевиќ, истакна македонскиот премиер Христијан Мицкоски.
Средбата како што вели била израз на заедничката желба за подобра иднина и зацврстување на врските помеѓу нашите две земји.
„Во срцето на нашите разговори беше разбирањето дека споделуваме многу повеќе од заедничка граница. Многу од граѓаните на двете земји споделуваат историја, култура, семејни врски и, најважно од сè, заеднички стремежи за просперитет и мир за нашите народи. Разговаравме за начините како да ја продлабочиме економската соработка, како да ги поврземе нашите луѓе и како да создадеме можности за идните генерации кои доаѓаат“, вели Мицкоски.
„Посебно се осврнавме на културната соработка и образованието. Се согласивме дека инвестирањето во младите е инвестирање во иднината. Кога нашите млади уште повеќе ќе се поврзат, ќе учат едни од други и ќе создадат заеднички проекти, тогаш сме сигурни дека регионот ќе оди напред.
Зборувавме за предизвиците со кои се соочува регионот. Во овие турбулентни времиња, неопходно е да бидеме заедно, да бидеме глас на разумот и да работиме кон стабилност и безбедност на целиот регион. Ја истакнавме важноста на дијалогот како единствен пат за решавање на спорови и недоразбирања.
Во однос на нашите европски аспирации, ја потврдивме заедничката визија дека иднината на регионот е Европската Унија. Знаеме дека патот до таму не е лесен, но веруваме дека со заеднички напори и поддршка можеме да ги исполниме критериумите и да ги донесеме придобивките од европската интеграција на граѓаните во регионот.
Исто така можам да кажам дека зборувавме во делот на енергетското поврзување на двете земји. Посебно ја истакнавме важноста од изградбата на гасниот интерконектор којшто ги поврзува или ќе ги поврзува во иднина двете земји. Бидејќи ние сме сега во фаза на завршување на тендерска постапка со којашто конечно ќе отпочне изградбата на интерконекторот со нашиот јужен сосед, за да обезбедиме дополнителна опција за снабдување на гас на Централна Европа. Овој интерконектор со нашиот северен сосед е исклучително значаен. Тоа беше еден од важните сегменти во нашите разговори“, истакна македонскиот премиер.
Во фаза сме, додаде Мицкоски „да го пуштиме во употреба или продуктоводот или во јавноста познат како нафтовод којшто ја поврзува нашата земја со нашиот јужен сосед. Цениме дека тоа би било добра опција, да истиот тој продуктовод или нафтовод биде поврзан и со нашиот северен сосед и на тој начин да обезбедиме уште еден коридор“.
Станало збор и за изградба на брзата пруга којашто е дел од Коридорот 10, којашто според Мицкоски претставува стратешки приоритет на Владата исто како што е и Коридорот 8.
„Но заеднички приоритет е изградба на Коридорот 10 и со нашиот северен сосед. Можам да кажам дека регионалното поврзување останува приоритет за двете држави и тоа регионално поврзување да биде дел од идното поврзување и интегрирање во рамките на Европската Унија.
Исто така ја отворивме темата за одржување на заеднички влади, нешто кое што го правиме вообичаено со владини седници, истото што го правиме и со другите наши соседи. Така што мислам дека односите помеѓу двете земји се на исклучително високо ниво и во периодот кој што следи истите треба да ги продлабочуваме.
Како македонска Влада нашата ориентација е многу пати повторена, ќе ја повторам и денеска, а тоа е да градиме добрососедски односи со сите наши соседи и нормално заеднички како регион да бидеме дел од Европска Унија“, посочи Мицкоски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа